Кога дечињата се среќни, целиот свет е поубав, па така и општина Крива Паланка денес беше најубава, исполнета со детски насмевки од над 700-те дечиња кои беа дел од манифестацијата “Првоаприлска шега 2024”.
Повеќе од седумстотини детски насмеани очи што сјаат од радост ја разубавија Крива Паланка со дефилето низ главната улица и плоштадот.
“Првоаприлска шега” го преполни плоштадот со омилените детски ликови, маски и костими во разни бои и лица кои бликаат од среќа, а сите тие, разиграни и распеани, уживаа во богатата програма што општината ја подготви заедно со институциите од областа на културата.
Дополнителна одлична атмосфера овозможија присутните аниматори со кои дечињата се дружеа и забавуваа, а на крајот сите играа и пееја во ритамот на музиката на омилениот изведувач на младата публика, Христијан Настески -Пајак.
Жири-комисијата имаше исклучително тешка задача да ги одбере најдобрите, бидејќи сите 45 групни маски заслужија пофалби за вложениот труд.
Па така, беа доделени осум признанија и тоа:
- Највесела маска- “Весели пензионери”, 1-4 одделение во ООУ “Св.Ј.Крчовски”, ментор- Биљана Петковска-Антовска;
- Најсмешна – маска “Бебиња “, Група „Весели облачиња“ од ЈОУДГ “Детелинка”, воспитувач, Сузана Јовановска и неговател: Анѓела Атанасовска;
- Нај “ЗОО” маска – “101 далматинец”, групна маска на повеќе одделенија од ООУ “Илинден”,од следните одделенија и наставници: III – 1, Добри Јовевски, III – 2, Сузе Спасовска, III – 3, Маре Ангеловска, V – 1, СоњаАнгеловска, V – 2, Јасмина Станковска и V – 3 Живка Стоилковска;
- Нај навивачка маска-“Спортуваме се радуваме” 4- 2 одделение, ООУ “Св.Јоаким Крчовски”, наставничка, Елизабета Цоневска;
- Најоригинална маска -“Воздушни балони “, 1-3 одделение на наставничката Биљана Алексовска, ООУ”Св.Јоаким Крчовски “;
- Најпролетни – маска “Кралицата на пролетта во животинската разиграна ливада”, 4-1 на наставничката Снежана Ивановска и 2-1 одделение, маска “Облачиња”, наставник Аце Трајчевски;
- Најкреативна маска-“Црнчиња”, 2-2 одделение, наставничка Сузана Ѓоргиевска и
- Најинвентивна маска”Величествената птица феникс”, 3-3 одделение, наставничка Милица Димитровска.
Најоригиналните, најкреативните, најавтентични, најпролетни и нај,нај- маскираните учесници добија и признанија, а за сите по нешто додели генералниот покровител на денешниот настан – “Вива сокови”.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, им честиташе на сите учесници за тоа што секогаш се креативни и со голема посветеност се подготвуваат за овој прекрасен настан во чиј фокус се најмладите
– Велат Крива Паланка е најубав град и јас го тврдам тоа, но сите што денес се овде можат да потврдат дека денес нашиот град има посебен сјај ,а тоа е благодарение на сите ваши насмевки и среќните лица што го исполнуваат плоштадот. Нема ништо поубаво од детската радост. Вашата радост, драги дечиња – нема цена и затоа, заедно со службите од општината и културните установи, и оваа година организиравме едно дефиле под маски во кое главната улога ја имате вие. Секој ден работиме со посебна енергија, не штедејќи се во ништо – за вас, за детската среќа и насмевки и тоа ми причинува посебно задоволство. Вие, драги дечиња, нѐ потсетувате дека низ работата, низ секојдневните обврски, за жал, често забораваме да се радуваме на малите нешта, на моментите кои вредат живот.
Затоа секое дете , како радост на животот – не потсетува колку малку е потребно за среќа.
Токму затоа, младите, децата, се постојано во фокусот на нашата работа како локална власт и ќе продолжиме и во следниот период да организираме настани и програма за најмладите, да креираме содржини кои ќе создаваат нови детски насмевки. Упатувам благодарност до вашите семејства кои се погрижија да бидете сите денес тука, до воспитувачките, наставниците, до сите што се погрижија да бидете уникатни, прекрасни како секогаш и да ја направиме оваа “Првоаприлска шега” – посебна и единствена, рече градоначалникот Митовски.
Годинашната „Првоаприлска шега “ е дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.