Уникатна музичка изведба на Бајса Арифовска, вчеравечер ја воодушеви кривопалнечката публика. Арифофвска заедно со своите пријатели и соработници Дамир Имери – клавијатури, Ратко Даутовски – перкусии и Душко Георгиевски-познат вокален интепретатор на македонската естрада и пошироко, инстументалист на флејта, направија вистинска магија на сцената во НУ Центар за култура во Крива Паланка.
Арифовска е мултимедијална македонска музичарка, претставничка на новата генерација ромски и македонски музичари. Активно свири на преку 15 инструменти и компонира, а 11 години била и професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што на учениците им предавала народни инструменти. Работи како инструменталист и асистент на оркестарот во националниот ансамбл „Танец“.
Оваа неуморна млада жена, за која музиката е сон и реалност, многу придонела и за музичката едукација на ромските деца, работејќи со нив во мандолинскиот оркестар на ромскиот културен и едукативен центар „Дархија“.
Досега одржала стотици концерти, остварила извонредни соработки со врвни уметници, а воедно е прва Ромка кај нас што компонирала музика за балет. Станува збор за „Скршен сон“, што го напишала во далечната 2009 година.
Концертот „Под сонцето“ на Бајса Арифовска, исто така, е дел од програмата на манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.