Богатото творештво на Лазо Крстевски за првпат пред кривопаланчани

Целокупното творештво на  сликарот Лазо Крстевски за првпат стана достапно за  јавноста на  постхумната  ретроспективна изложба,  која синоќа беше отворена во Градскиот музеј на Крива Паланка, со што се одбележува животот и делото на еден од најзначајните  ликовни творци во градот.

Кривопаланчани за првпат можеа да ја  видат компилацијата од  богатиот ликовен опус на Крстевски, кој со својот  талент и посветеност остави неизбришлив печат во градот и неговата култура.

Авторот  на изложбата, историчарот на уметност, Ѓорги Костовски, истакна дека на изложбата можат да се видат неговите дела кои го претставуваат како комплетен автор, како и неговата неисцрпност во спектарот на стилови и правци.

„Бев изненаден и шокиран од толку многу дела на Крстевски за кои не сме знаеле. Покрај неисцрпната инспирација која ја наоѓа во староградската архитектура, открив дека еден од главните стилови својствен за Крстевски е експресионизмот. И затоа мислам дека покрај поетскиот реализам присутен во неговите дела, апстракцијата и лирскиот реализам го претставуваат Лазо Крстевски во целосно светло.  Тоа е неговото срцебиење, тоа е неговиот живот, импулс и сензибилитет, сигурност во секој потег полн со енергија“, подвлече Костовски.

Изложбата го привлече вниманието на бројни почитувачи на уметноста и љубители на културата , кои го познаваа Крстевски, а на настанот на кој постхумно му се оддаде почит за неговите постигнувања присуствуваа и членовите на неговото семејство.

„Вечерва милсам дека му ја исполнивме желбата да има самостјна изложба што не можеше сам да ја постави. Јас имав можност да го следам неговото творештво, но некои дела и јас ги немам видено.. Непосредно пред да почине , ми подари едно негово дело, кое ми го остави како аманет. Иако сакаше да ја слика архитектурата, и јас мислам дека многу повеќе ја сакаше апстракцијата за што малкумина знаат“, вели неговата ќерка Стојанка Вучковска.

Лазо Крстевски е  роден 1951 година во Крива Паланка, каде работи на своето уметничко творештво и каде е  наставник по ликовно воспитување. Неговите дела се трајна вредност за градот, а тој има огромен придонес и како ликовен педагог кој ја развил и афирмирал љубовта кон уметноста кај своите бројни ученици, дел од нив денес успешни ликовни уметници.

Изложбата ја организира ЛУ Градски музеј Крива Паланка, со поддршка од Министерството за култура и е дел од манифестацијата “Крива Паланка-Град на културата 2024“.

Големина на фонт
Контраст