-Никогаш, ама никогаш не се предавајте.Работете упорно, мотивирано, гледајќи само напред, чекорејќи со сигурни, цврсти чекори и со сигурност ќе го остварите вашиот сон, порача Д-р Џемиле Берат, родена во Крива Паланка, нa промоцијата на нејзината автобиографска книга во “Мојот сон”, инспиративна приказна за нејзиниот трнлив животен пат, полн премрежја и предизвици, за храброста и цврстата решеност да се успее, отсликани преку детството и тешкиот живот во родната Крива Паланка и борбата на патот кон високо образование, сѐ до дипломирањето на Медицинскиот факултет во Скопје како прва докторка Ромка.
Промоцијата предизвика голем интерес кај публиката која го исполни до последно место фоајето на Националната установа Центар за култура Крива Паланка каде истата се реализираше во рамки на манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата”.
Промоторката, професорката Марица Николовска, рече дека познавајќи ја Џемиле уште од најраните години од нејзиното детство, знае колку макотрпно и истовремено непоколебливо и упорно таа, со поддршка од нејзиното финансиски оскудно семејство,но со високи морални и етички вредности, ја поддржало успешно да ја заокружи таа желба и страст кон науката.
– Џемиле е пример,модел, урнек на жена која е силна,доблесна и хумана, а токму тоа треба да ни пример кои се принципите по кои треба секој човек да се води низ животот. Горда сум на неа, како и сите што ја познаваме и сигурна сум дека мисијата – книгата да биде мотивација за многу млади луѓе со интелектуален потенцијал да успеат, ќе се оствари, рече Николовска.
Во својата автобиографија Џемиле го слика животот и соживотот во Крива Паланка, како база, ср’ж на сиот животен потенцијал што ќе ја однесе преку трнливиот пат- до успехот. Книгата говори и за нејзиниот брат Себо и сопругот Бајрам, кој е првиот Ром што завршил медицински факултет, двајцата -клучни фигури, поддршка на тој нејзин пат до успехот.
-Успеав и затоа што имав среќа да се родам и да растам во Крива Паланка, меѓу моите паланчани, да учам од старите паланчани со човечки вредности, почит, разбирање, соживот меѓу Ромите и Македонците. Живеев под ова исто небо, ме грееше ова исто сонце како вас, драги мои паланчани. Во време кога вратата не се заклучуваше, се позајмуваше, даваше, децата се дружеа, немаше поделби и разлики, учителките имаа улога на втори мајки.Прекрасни сеќавања, горда сум што се родив и израснав тука, рече Џемиле.
Емотивната и реална приказна на Џемиле, го опишува и нејзиниот работен век како доктор специјалист – психијатар, која секогаш била посветена на помош и поддршка на сите, вклучувајќи се и во војната во 90- тие години од минатиот век, кога работела во Хрватска, како и во конфликтот во 2001, кога во Тетово била лекар кој ги лекувал повредените и ранети лица.
Сиот живот прикажан низ нејзината реалистична нарација ги насолзи очите на присутните и ги растрепери нивните срца.
Рецензентот на книгата, професор Гоце Ристовски, ќе рече дека делото е пример за посветеноста на поединецот во општеството за заедничко добро- врвен хуман принцип.
-Автобиографијата е уверлив и сугестивен показ дека со љубов, верба и надеж, посветеност и работливост може преку трње да се стаса до ѕвездите, нагласува Ристовски.
Хуманоста на Џемиле е она што ја обележа денешната промоција, на која со симболични донации за книгата се собраа средства за поддршка на тројца одлични ученици, еден полуматурант од на ООУ “Илинден “, Крива Паланка и двајца ученици, Ром и Албанец од Скопје.