Во НУ Центар за култура Крива Паланка , на 19 март (петок), со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на кривопаланечките драми „Ожењи се Санде калајџија“ и „Најефтината свадба“ , чиј автор е нашиот сограѓанин Страхил Алексиќ.
Драмските дела се инспирирани од вистинси настани кои се дел од кривопаланечката историја и традиција, а Алексиќ ги има напишано пред 30-тина години.
Драмата „Ожењи се Санде калајџија“ за првпат е поставена и изведена во 90-тите години под раководство на проф. Марица Николовска, а пред повеќе години беше реобновена и претставена пред кривопаланечката публика од Драмското студио при НУ Центар за култура, во режија на Глигор Цветковски. Во 2018 година, пак, е изведена од ученици од СОУ„Ѓорче Петров“, под раководство на проф. Катерина Наковска Митовска, што јасно говори за интересот кај познавачите на драмското творештво, младите актерски таленти и кривопаланечката јавност.
Делото „Најефтината свадба“ досега не е драматизирано и не е познато на јавноста.
Страхил Алексиќ е првиот и засега единствен автор од Крива Паланка кој напишал драмски дела што сведочат за кривопаланчките настани од минатото, со што се потврдува нивната неизмерна вредност.
Издавач на кривопаланечките драми на Алексиќ е НУ Центар за култура од Крива Паланка, рецензент е Емилија Колевска, а подготовката на делата и промоцијата се реализираат во соработка со ЛУ Градски музеј и Општина Крива Паланка.
Настанот е дел од програмата на манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.