КУЗ „Фолклористи“ синоќа ја исполнија сцената во НУ Центар за култура Крива Паланка со младост, убавина и раскош на изворната музика, игра и песна, посветена на нивниот годишен концерт 2024.
Со почит и љубов кон традицијата, КУЗ „Фолклористи“ претставија разнообразен репертоар на народни песни, ора и инструментални дела, пренесувајќи го духот на минатото и народното богатство од нашето фолклорно поднебје.
Од најмладите до најискусните членови на КУЗ Фолклористи им подарија прекрасна вечер на љубителите на народната традиција, со своите богати кореографии на најубавите ора и автентичната традиционална музика.
Специјални гости на вечерта беа БЗК „Препород“ од Бусовача, БиХ, кои уште еднаш покажаа дека фолклорот и неговото богатство ги премостуваат границите и ги обединуваат народите.
Бројните посетители споделија бурни аплаузи за младите фолклористи и нивните гости, кои ја оставија на сцената својата младост, енергија и посветност. Тие потсетија дека се нашите амабасадори во светот за кои нема граници, само отворени срца и многу љубов кон својот роден крај, татковината и нејзиното културно богатство и наследство.
Во рамките на годишниот концерт, КУЗ „Фолклористи“ додели благодарници и признанија на своите членови и соработници.
Годинешниот концерт е дел од манифестацијата „Крива Паланка- Град на културата 2024“.