Изложба ,,Нова перспектива / Трансформер продукција” на уметничките Анета Стојчевска и Елизабета Тошевска

Изложба на скулптури и макети на уметничките Анета Стојчевска и Елизабета Тошевска, насловена како  ,,Нова перспектива /Трансформер продукција” , ќе биде отворена  во  НУ Центар за култура Крива Паланка, на 16 март (четврток), со почеток во 20 часот.

,,Нова перспектива /Трансформер продукција”  е замислена како заеднички проект на Стојчевска и Тошевска  во кој секоја со свој уметнички израз и визуелна перцепција на уметничкото дело – скулптура претставува нови поинакви трансформирани видувања на мотиви, форми и принципи користени низ историјата на уметноста.

Така, инспирана од ликовната уметница Рејчел Вајтрихт и нејзиниот принцип со користење на негативи,  Стојчевска  израборува макети од огледала на нов проектиран простор-просторија и истите ги умножува со мала видлива разлика во нивните големини, доближувајќи ги до производ од сериско производство.

Тошевска, пак,  ја истражува женската фигура и воопшто жената низ времето и не запознава со внатрешното длабокото -јас. Преку делата ни прикажува интимен разговор со себе,  но во исто време го провоцира и поттикнува набљудувачот на размислување за времето што непрекинато изминува покрај нас и како неосетно остава траги на нашата личност.

„Идејата да се пристапи на еден феномен од две различни перспективи ја чини оваа изложба уникатна не само во формална, туку и во суштинска смисла. Покрај заедничкиот наслов,  дополнително е замислено користење на одделни наслови и поднаслови аплицирани кај фотографиите од скулптурите на а Тошевска и кај скиците-плановите на Анета Стојчевска, поставени во простор визуелно физички одделен од просторот во кој би биле поставени: скулптурите и 3Д макетите од огледала.  Со тоа, двете поставки чинат една целина и можат да бидат перцепирани заедно“, нагласува проф. д-р Трајче Стојанов,естетичар.

Анета Стојчевска е родена во Крива Паланка, а во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности Скопје, педагошки оддел, отсек скулптура во класата на проф. Станко Павлески, како првенец на генерацијата.

Елизабета Тошевска е од Скопје и е дипломиран вајар на Ликовната академија во Штип, во класата на проф. Слободан Милошевски.

Проектот е поддржан од Министерството за култура, а го организира НУ Центар за култура Крива Паланка како дел од манифестацијата Крива Паланка-Град на културата 2024“.

Големина на фонт
Контраст