Во свечена атмосфера посветена на поетското творештво , синоќа во ЛУ Градски музеј Крива Паланка беше промовирана првата поетската стихозбирка “Сончевина” на поетесата Марина Цветковска Станковска.
Во стихозбирката е застапена љубовна поезија, а на промоцијата песни од поетската книга читаа членови на ЛК „Калин“ кој работи при НУ Центар за култура Крива Паланка.
“Сончевина” не е само збирка на стихови, туку вистинска ода на љубовта. Во секој стих Цветковска Станковска ги предизвикува емоциите и сетилата на патот кон срцето. Моментите на искажана љубов, болка, радост и сакање се прелеваат на страните на книгата, воспевајќи ја темата која е вечна инспирација за уметноста.
„Македонската поетска ризница се збогатува со уште еден веќе созреан автор. Поезијата на Марина дојде тивко и ненаметливо за да еруптира во нашите срца, за да не потсети на најдрагоцената вредност во нашиот живот-љубовта, и да ни ги стопли нашите души во овие пролетни дождливи денови. Секако, тука е и безусловната мајчинска љубов , опеана во стиховна сончевина по која е насловена и поетската книга“, истакна Оливера Станковска, промоторка на делото.
Авторката Цветковска Станковска им се заблагодари на присутните и на ЛУ Градскиот музеј, а воедно најави во блиска иднина и повеќе нови дела што се во подготовка.
Поетската книга „Сончевина“ се продава по симболични 100 денари, а средствата се наменети за фондот за купување концертен клавир за Крива Паланка.
Марина Цветковска Станковска твори и пишува долги години и зад себе веќе има над 300 песни кои се необјавени. Застапена е во многу зборници, антологии и на литературни настани во земјава и странство, а се занимава и со креативна уметност, меѓу која особено се издвојува техниката цртање на огледало.
Цветковска Станковска е долгогодишен член на ЛК „Калин“ при НУ Центар за култура Крива Паланка, а активно членува и во КУЗ „Фолклористи“ и Планинарското друштво од Крива Паланка.
Настанот е дел од програмата на „Крива Паланка- Град на културата 2024“.