ОГЛЕДАЛНИ ПЕРСПЕКТИВИ И ИНТИМНИ РАЗМИСЛУВАЊА НА ЗАЕДНИЧКАТА ИЗЛОЖБА НА СТОЈЧЕВСКА И ТОШЕВСКА

Изложбата “Нова перспектива / Трансформер продукција” која беше отворена синоќа во НУ Центар за култура Крива Паланка, презентираше современа интерпретација на уметноста претставена преку скулптури и макетидело на академските уметнички Анета Стојчевска од Крива Паланка  и Елизабета Тошевска од Скопје.

Главната концепција на изложбата е претставување на  различните  перспективи на уметноста преку иновативни трансформации на форми, мотиви и принципи. Секоја од уметничките, со својот уметнички израз, донесе нови визуелизации  на уметничкото дело, креирајќи ги своите  сопствени перцепции на уметноста.

Анета Стојчевска, инспирирана од уметничката Рејчел Вајтрихт, претстави  макети од огледала што претставуваат нов просторен концепт, преосмислен и репродуциран преку сериско производство. Нејзиниот пристап со користење на негативи креира нови димензии на просторот, привлекувајќи го набљудувачот на  интерактивен дијалог со изложените дела.

Елизабета Тошевска , пак, го  истражува концептот на женската фигура и времето  преку интимни разговори со себе. Нејзините дела ги претставуваат сопствените  размислувања вза поимање на идентитетот, отворајќи го разговорот за времето и неговото влијание врз личноста.

Изложбата не само што ги спои творбите на две талентирани уметнички, туку и претстави една уникатна симбиоза на различни перспективи и концепции и иновативен пристап кон просторот и формата.

Настанот беше збогатен  со настап на балерината Виторија Коцева која е дел од групата за модерен балет на познатата македонска кореографка Рисима Рисимкин.

Со својата изложба, Стојчевска и Тошевска, ја разубавија културната сцена на Крива Паланка, во рамките на манифестацијата 2Крива Паланка-Град на културата 2024“.

Големина на фонт
Контраст