Од САД 450.000 долари за Крива Паланка

Медицинската опрема и потрошен материјал се обезбедени преку Светската организација „Ворлд медикал рилиф“, во организација на Американско-македонската асоцијација од Детроит и МПЦ.
Американската донација, во вредност од 450.000 долари, договорена пред неколку месеци, деновиве пристигна во Здравствениот дом во Крива Паланка. Медицинската опрема и потрошен материјал се обезбедени преку Светската организација „Ворлд медикал рилиф“, во организација на Американско-македонската асоцијација од Детроит и МПЦ.

 

 

– Оваа донација е многу значајна за општината затоа што ќе овозможи многу подобар квалитет на здравствените услуги, кои отсега граѓаните ќе може да ги добијат во нашиот здравствен дом. Посебно им се заблагодаруваме на МПЦ и митрополитот Кирил, кој беше главен организатор на донацијата, како и на претседателот на Американско-македонската асоцијација од Детроит, Мишко Васовски и семејството Џајковски, кои помогнаа во реализацијата на донираната опрема – истакна градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Директорот на Здравствениот дом, Радивој Маџовски, вели дека ова е досега најголема донација обезбедена за оваа медицинска установа.

– Со апаратурата што ја добивме, меѓу која има гастроскоп, колоноскоп, холтер, доплер, вредна опрема за лабораторија и физијатрија, како и за сите останати одделенија и служби во Здравствениот дом, значајно се проширува видот на услугите што граѓаните може да ги добијат овде. Повеќе нема да биде потребно да прават дополнителни трошоци за прегледи во поголемите здравствени центри во државата и да се изложуваат на повеќемесечни чекања. Голем дел од најпотребните испитувања ќе може да ги направат во нашата установа – вели Маџовски.

Опремата за Крива Паланка е дел од донацијата што „Ворлд медикал рилиф“ и Американско-македонската асоцијација од Детроит ја обезбедуваат во соработка со министерствата за здравство и за надворешни работи. Годинава е обезбедена медицинска опрема со вкупна вредност од 4 милиони денари за здравствените установи во Струмица, Штип, Кичево, Демир Капија, Крива Паланка, Домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Скопје и уште за две болници во внатрешноста. Лани, пак, беа донирани два милиона долари за болниците во Куманово, Струмица, Штип и во Лешок.

– Пациентите бесплатно ќе ги користат донираните медицински апарати, а наша цел е да му помогнеме на македонското здравство и граѓаните да може да ги добијат потребните услуги во своите болници. Видот на опремата е обезбеден според согледувањата и барањата на здравствените установи што беа посочени како најприоритетни и најпотребни – истакнува Мишко Васовски, претседател на Американско-македонската асоцијација во Детроит.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст