Многу смеа, силни аплаузи и овации предизвика целовечерниот тендап на Сашко Коцев во НУ Центар за култура Крива Паланка.
Публиката уживаше до максимум во двочасовниот урнебесен перформанс „Широк дијафазон “ и неверојатниот хумор со кој Коцев ги портретираше ситуациите од секојдневието, машко-женските односи, менталитетот и однесувањето на луѓето и уште многу теми од животот и опкружувањето.
„Многу, многу расположена публика. Јас тоа постојано го повторувам . Нема што јас да наидувам на добар прием кај публиката . Публиката реагира онака како што таа сака. Ако тоа и се допаѓа, ако е добро, ќе си реагира како што треба. Ако не и се допаѓа , нема да реагира. Сите викаат „Абе бев таму и таму, ама нешто публиката не беше расположена“. Не, ти не си бил расположен, како перформер. Така да јас баш бев расположен и сите заедно во Крива Паланка поминавме убави и ведри два часа“, рече по настапот Сашко Коцев.
Тој ја пофали Крива Паланка дека има многу убави настани и содржини што е богатство за еден вака мал град.
„Како град на културата Крива Паланка има многу голема обврска да се понудат содржини, публиката да биде задоволна, да се донесе публика од околните градови. Верувам ова добро го правите и ви честитам на сите заедно за упорноста и за ентузијазмот“, подвлече Коцев којвоедно ја поддржа и кампањата „Концертен клавир за Крива Паланка“.
Салата во НУ Центар за култура Крива Паланка беше претесна да ги прими сите заинтересирани, а во публиката имаше гости и од Куманово, Скопје и други градови.
Целовечерното стендап шоу на Сашко Коцев е организирано во рамките на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“ , поддржана од Министерството за култура.