Започнува 38-та Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“

Најновото 38-мо издание на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“  и годинава традиционално ќе се одржи во истоимениот манастирски комплекс  кај Крива Паланка, во периодот од 28 јуни до 6 јули.

Ликовната работилница ќе биде средиште на креативност и културна размена меѓу овогодинешните учесници од земјава и странство, и тоа  : Ана Белтран Поркар од Шпанија, Хенда Лоулизи од Тунис, Халид Ел Бекаи од Мароко, Орест Циупко од Украина , Мирослав Цаповчак од Словачка, Ерман Караѓоз од Северен Кипар, Дарина Дочева од Бугарија и Зоран Чалија од Србија, како и Мирослава Трујкановиќ, Стефан Хаџи-Николов, Стефан Младеновски, Анета Стојчевска и Јулијана Гешоска од Македонија.

Традиционално, темата за творење е слободна ,по сопствен избор на учениците, но се  очекува и годинава уметниците да бидат инспирирани од  автентичното духовно и природно опкружување на манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ и да создадат уникатни уметнички дела низ кои ќе се рефлектира богатото културно наследство на овие простори.

За време на колонијата ќе се реализира и самостојна изложба на сликарот Стефан Хаџи-Николов,  долгогодишен учесник на манифестацијата и член на Организацискиот одбор,  во ЛУ Градски музеј во Крива Паланка.  Идејата е на музејската установа која од од оваа година започнува со серија годишни изложби на уметнички дела чии автори истовремено се и учесници на Меѓународната ликовна колонија “Свети Јоаким Осоговски”.

Создадените дела од 38-то издание на оваа значајна ликовна манифестација ќе бидат изложени  во галерискиот простор на Осоговскиот манастир, а потоа и во Крива Паланка и други градови во земјата.

Ликовната колонија се реализира со поддршка на Министерството за култура, Општина Крива Паланка и манастирот Св. Јоаким Осоговски при МПЦ-ОА.

Годинава, оваа ликовна манифестација е дел од бројните културни настани од програмата на  „Крива Паланка-Град на културата 2024.

Големина на фонт
Контраст