Со моќната изведба на традиционални игри, песни и ора, членовите на Ансамблот Македонија и на АММА „Никола Карев“ од Австралија, ја воодушевија кривопаланечката публика на целовечерниот концерт „Традицијата патува“, кој се одржа вчеравечер во НУ Центар за култура Крива Паланка.
Младите уметници ги освоија присутните со виртуозната игра, традиционалните инструменти, раскошните носии и извонредните кореграфии, со што и повеќе од достојно беше презентирана македонската традиција и култура.
„ Проектот „Традицијата патува“е поддржан од Министерството за култура и е нешто што Ансамблот „Македонија“ веќе неколку години наназад го негува. Тоа се концерти на традиционалната култура кои се одржуваат низ целата наша држава, но сега настапуваме заеднички со нашите колеги од Друштвото „Никола Карев“ од Мелбурн, Австралија. Турнејата се реализира во 4 градови и тоа во Кратово, Крива Паланка, Пробиштип и Вевчани“,истакна проф. д-р Владимир Јаневски , уметнички менаџер на Ансамбл „Македонија“ и професор на УГД Штип.
Во Ансамблот „Македонија, кој постои 11 години, членуваат врвнит професионалци ,уметници и студенти на етнокореологија при УГД Штип, а членовите на Австралиско- македонската асоцијација „Никола Карев“ се млади иселеници, кои покажаа што значи посветеност и љубов кон традицијата, културното наследство, корените и татковината.
„ Дојдени сме во Македонија како група после 10 години и ова е шанса да се вратиме во татковината и да покажеме колку знаеме од нашата традиционална музика и култура. Многу од нас, всушност, сега за првпат се во Македонија и мислам дека чувството е посебно“ , рече Тео Цветковски , играорец од австралиското друштво.
Друштвото „Никола Карев“ постои 47 години, а 6-ти пат по ред гостуваат во Македонија.
„Родена сум во Мелбурн , но веќе 17 години сум играорка во друштвото. Многу ми е интересно и многу ми е убаво, се дружам со моите врсници со кои имаме заеднички корени и сакаме македонската култура да да ја негуваме и промовираме во Мелбурн“, вели младата играорка Џесика Бузајковски.
Организатор на настанот е НУ Центар за култура, а истиот е дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.