Во галеријата на Градскиот музеј Крива Паланка отворена е самостојна изложба на ликовниот уметник Стефан Хаџи-Николов на која се поставени околу 30-тина дела работени во последните 15 години, а најголем дел од нив во изминатите 5 години.
Хаџи-Николов е долгогодишен учесник на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ и прв уметник со кој започнува серијата на годишни изложби што Градскиот музеј ќе ги организира со уметниците од оваа ликовната манифестација.
„ Се обидуваме оваа година колонијата да ја „симнеме“ во Крива Паланка и да направиме интеракција помеѓу уметниците и граѓаните. Целта е јавноста да се запознае со творештвото на учесниците на колонијата и секоја година ќе се обидуваме по еден од претставниците на оваа манифестација да има изложба во Градскиот музеј додека трае колонијата“, истакна Драган Величковски, директор на Градскиот музеј.
Стефан Хаџи-Николов се заблагодари на Општина Крива Паланка – Градот на културата за 2024 година и на Музејот за дадената можност да го претстави своето творештво пред кривопаланчани.
„Чест ми е што изложувам за првпат во овој град каде што сум чест гостин последниве 10-тина години како учесник на Ликовната колониоја „Св. Јоаким Осоговски“. Воедно, драго ми е што дел од моето творештво можам да го покажам и пред моите колеги , учесници на колонијата кои ги има од 8 земји и тоа од Европа, Азија, и од Африка“, рече Хаџи-Николов.
Ѓорги Костовски, историчар на уметност од Градскиот музеј, подвлече дека Хаџи-Николов е роден колонист со очигледна склоност кон реткото, убавото и кон совршеното, кон убавината во сите нејзини појавности, посебно убавината на женското тело кренато во висините на божественото.
„Убавина, мистичност , перфекција. Естетски сладокусен ги дразни нашите сетила за уметност и го почествува нашето сетило за вид. Убавината , како што вели тој самиот, е неговиот личен став кој се обидува да го пренесе преку своите дела. Тоа може да се види во целото негово творештво, не само преку женските фигури, туку и преку неговото нефигуративно сликарство кое е буквално пејзаж на неговата душа“, рече меѓу другото Костовски.
Љубителите на ликовната уметност можат да ја погледнат изложбата на делата на Хаџи-Николов во галеријата на Градскиот музеј, а викендов следува и изложбата на создадените дела од најновото 38-мо издание на Меѓународната ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“.