Под рефлекторите на сцената во Националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа блеснаа младите музички ѕвезди, талентирани музичари од класата на професорката Лариса Жулина-Митовски што раководи со музичкото студио на НУЦК, чиишто членови се претставија пред публиката во “Градот на културата”.
Концертот беше дел од програмата на “Кривопаланечко културно лето” и манифестацијата “Крива Паланка -Град на културата”.
-Сцената беше преполна млади музичари,а салата, бројна публика: родители, роднини пријатели на учесниците и љубители на класичната музика. Презадоволна сум од сите мои ученици кои настапија со инструментална и вокално-инструментална музика, во соло, камерни состави и оркестарот. Сите заедно работат при музичкото студио на НУЦК, а публиката што дојде во голем број ја проследи виртуозноста на младите таленти уживајќи во композиции од: барок, класика, романтизам, класицизам, филмска и македонска народна музика, изјави наставник – ментор Лариса Жулина- Митовски.
Настанот го збогатија настапите на балетските студија “Фјужн” и “Ултра” од Куманово, како и музичарите: Душан Ангеловски, ударни инструменти и Млаѓан Митовски, гитара.