Андријана Јаневска и “Митан проект” со “Македонски рози” приредија одлично музичко уживање за паланчани

-Најубавите македонски песни од албумот “Македонски рози” на Мите Димовски -Митан во интерпретација на Андријана Јаневска донесоа извонредна атмосфера на преполната летна сцена во градскиот парк во Крива Паланка синоќа.

Јаневска по настапот рече дека Крива Паланка докажа дека навистина е Град на културата.

-Многу сум среќна што вечерва одржавме овде концерт, заради тоа што навистина Крива Паланка докажа дека навистина е Град на културата. Многу се радувам што имате толку често концерти, многу се радувам што “Митан проект” настапи вечерва овде, што бевме дел од вашето културно лето. Се надевам дека и во иднина ќе бидеме ваши гости и само така да продолжите, бидејќи културата е најважното кај еден народ, порача Јаневска.

Оваа прекрасна музичка вечер во “Градот на културата 2024” ќе остане запаметена по приказната за убавите македонски песни: “Битола, мој роден крај”, “Битолските касарни”, “Ој, Вардаре македонски”, “Елено ќерко”, “Бог да бие Русе”, “Сношти минав”, “Песна за село Ваташа”, со маестралните звуци на музичарите и прекрасниот вокал на Јаневска што ги разиграа срцата на присутните.

Според авторот на проектот, Мите Димовски-Митан, оваа прекрасна вечер во Крива Паланка ќе остави спомени и за изведувачите и за публиката, иако е проект што долго живее на сцената, а сега повторно патува и ја одушевува публиката.

-“Митан проект” го работиме долги години, сега се враќаме на концертните сцени, се надевам успешно и со нов материјал кој претстои, и ни беше чест да настапиме овде. Уште еднаш ќе се заблагодарам на општината и организаторите, Центарот на културата, со неговиот директор и целата екипа околу него во градот Крива Паланка за оваа покана и за оваа прекрасна вечер што остави спомени и за нас и за публиката, рече Димовски.

Публиката уживаше во уште еден квалитетен настан од “Кривопаланечко културно лето” и манифестацијата “од “Крива Паланка -Град на културата”.

Големина на фонт
Контраст