Стихови современа поезија со безвремени теми, низ слободен израз и рима од најдобрите македонски поети ја разиграа летната вечер пред платото на Градскиот музеј Крива Паланка синоќа.
Интерпретацијата и прекрасната компилација на музички перформанс со ритамот на кавал, џембе, ксилофон, гитара, кларинет и поетскиот израз на неповторливите: Владимир Мартиновски, Перица Сарџоски, Николина Андова Шопова, Јулијана Величковска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади, Марија Ангеловска, Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова, ја вбројува оваа вечер во листата на оние што ќе бидат запишани во историјата на “Градот на културата”.
Настанот го организираше ЛУ Градски музеј Крива Паланка во соработка со издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, како дел од манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата” и “Кривопаланечко културно лето”.
Најдобрите македонски современи поети, гости на манифестацијата, ја возвишија атмосферата читајќи нови стихови и упатувајќи пораки на благодарност до организаторите, ЛУ Градски музеј и Општина Крива Паланка за поканата за учество.
Присутните со задоволство уживаа во настанот.