Прекрасна лирска вечер на промоцијата на “Македонствување” од Десанка Николова

Стихозбирката “Македонствување” од познатата македонска поетеса од градот на Рацин, Десанка Николова, синоќа беше промовирана во Националната установа Центар за култура Крива Паланка во рамки на програмата на “Кривопаланечко културно лето” и манифестацијата “Крива Паланка -Град на културата 2024”.

“Грутка во грлото” и “Мудровезби”, две стихозбирки во една поетска збирка “Македонствување” претставуваат љубовна приказна без крај на поетесата Николова.

-Стиховите од “Македонствување” одекнаа силно во Националната установа Центар за култура, како поетски манифест за Македонија, како аманет и благослов за татковината што стои во срж’та на творештвото на авторката. Поетскиот портрет на Николова со интерпретација на лирски, патриотски , рефлексивни стихови ја одушеви публиката, присутна оваа прекрасна лирска вечер, рече промоторката Мира Георгиевска.

Авторката порача дека ако го изгубиме јазикот ќе бидеме дрво без корени, затоа што јазикот ни е дедовина и медовина, аманет и благослов кој го имаме,

-И самиот наслов “Македонствување”  ја носи онаа порака која јас често ја кажувам и која ја спомнавте : ако сакате да го уништите еден народ уништете му ја културата, уништете му го јазикот. Значи, ние од петни жили мора да се потрудиме да си ја зачуваме културата, да си го зачуваме јазикот затоа што јазикот е нашата единствена татковина. Затоа на моите читатели, на моите колеги им порачувам да го чуваме јазикот со убавиот македонски збор , само да твориме со правилна употреба на македонскиот јазик , секогаш ќе бидеме на браникот, ќе го дочуваме оној Рациноскив аманет, аманетот на Коневски и на сите после нив, на големиот Гане Тодоровски и на Петре М. Андреевски. Значи јазикот е нашето идентитетско обележје кое што не смееме да го изгубиме, рече Николова.

Настанот е дел од манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата” и “Кривопаланечко културно лето”.

Големина на фонт
Контраст