На тромеѓето помеѓу Северна Македонија, Бугарија и Србија, денес се одржа традиционалната манифестација „Краиште 2024’, што со децении ги зближува народите од овој регион и го одржува пријателството на жителите на трите погранични општини Ќустендил, Босилеград и Крива Паланка.
Официјалната програма и прослава вклучи обраќања на градоначалниците на трите општини и богата културно-уметничка програма на фолклорни ансамбли и друштва од Србија, Бугарија и Северна Македонија, а по повод денешниот голем христијански празник, Петровден, на Голеш се одржа и голем народен собир.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, рече дека оваа манифестација, можеби уникатна по тоа што се организира од страна на три локални самоуправи, како и масовната посетеност на истата секоја година, се вистински показател како се градат мостови на пријателство и соработка помеѓу трите општини.
-Се радувам што со оваа манифестација го означуваме нашето пријателство градено со децении и таа е вистински пример како три различни народи, од три различни држави можат да чествуваат еден ист празник во знакот на пријателството и помагањето. Затоа, велам дека границата помеѓу трите општини е само формална, а на ова место не постојат граници и тврдам дека не постојат поблиски народи од нас,на овие простори. Да продолжиме да си помагаме, да ја градиме таа соработка и во иднина, зашто само преку праќање пораки од првите луѓе на општините ќе ги развиваме заедно трите општини, ќе градиме мостови на соработка. Историјата е работа на историчарите, политиката на политичарите, а нам, на првите луѓе на општините е да градиме пријателства помеѓу соседите. Нека се за многу години празнувањата и да продолжиме да си ги зачувуваме традицијата и вредностите што нѐ одликуваат како народ, рече Митовски.
Присутните ги поздрави и градоначалникот на Општина Ќустендил, Бугарија, Огњан Атанасов, кој порача дека пријателството и почитта помеѓу народите е видлива, таа е одлика на граѓаните на трите општини и посебно ја цени понудената помош од страна на градоначалникот на Крива Паланка да помогнат како општина во справувањето со пожарите на територијата на Ќустендил.
Рече, токму преку подадената рака на помош, поддршка и пријателство се согледува одличната соработка помеѓу народите од трите држави.
Владимир Захариев, градоначалникот на Босилеград, Србија, им посака на сите присутни да бидат секогаш среќни и во радост да ги чествуваат празниците.
На манифестацијата “Краиште 2024” настапија:
Културно-уметничко здружение „Фолклористи“, Крива Паланка, Фолклорна секција „Установа-Центар за култура“, Босилеград, Србија, спортско друштво “Младост”, Босилеград, Фолклорен ансамбл “Пауталија”, Ќустендил и вокалистката Веселина Сиракова од Ќустендил, Бугарија.
На народниот собир присуствуваа неколку илјади мештани од областа Краиште, жители на Босилеград, Крива Паланка и Ќустендил, иселеници од различни краеви.
Настанот „Краиште 2024” е дел од програмата на “Кривопаланечко културно лето” и манифестацијата „Крива Паланка – Град на култрата 2024“.