Годинашното издание на Меѓународниот детски фолклорен фестивал “Паланечка тројка” во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка помина во извонредна атмосфера.
Во две фестивалски вечери на градскиот плоштад “Карпошово востание” продефилираа околу 400 млади играорци и играорки од земјава и соседството, од: Струга, Битола, Бујановац, Република Србија, Неготино, Кочани, Кратово, Демир Хисар, Скопје и од градот -домаќин, Крива Паланка.
Традиционално и годинава фестивалот започна со автентичното кривопаланечко оро “Паланечка тројка” во изведба на најмладите членови од културно -уметничкото друштво “8 Октомври” што работи во рамките на НУ Центар за култура Крива Паланка. На програмата настапија младите играорци од културно – уметничките друштва: “Илинден”, Струга, “Врело” , Бујановац, Србија, “Кочо Рацин”, Скопје, КУД “Ефрем Каранов” Кратово и КУД ” 8-ми Октомври”, Крива Паланка.
И во втората фестивалска вечер блеснаа под сјајот на рефлекторите гордите учесници, играорки и играорки од: КУД “Илинден”, Битола; КУД “Мугри”, НУЦК “Бели мугри”; КУД “Јане Сандански”, Неготино;️КУД “Илинден”, Битола и КУД “8 Октомври”, НУЦК Крива Паланка.
Битот, македонската традиција,фолклорот и уникатната битова компонента на секој крај од македонското тло, одекнаа и останаа врежани во меморијата на публиката што ја испочитува и поздрави одличната организација од НУ Центар за култура Крива Паланка и Општина Крива Паланка на уште еден прекрасен меѓународен настан од манифестацијата “Крива Паланка -Град на културата” и “Кривопаланечко културно лето”.
Настанот го затворија учесниците заедно со присутните, со заедничко оро “Паланечка тројка”.
Фестивалот е дел од манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата 2024” и “Кривопаланечко културно лето”.