Со алтернативниот актерски перформанс на актерите од дуодрамата “Кенди” на сцената на НУ Центар за култура Крива Паланка синоќа беше отворено годинашното издание на “Гига Фест” – мултимедијален алтернативен фестивал во чест на прерано починатиот кривопаланечки режисер, Глигор Цветковски.
“Кенди” е продукт на независната продукција “Златен елец”, дуодрама од Лук Дејвис, во адаптација и режија на Тамара Стојаноска. Улогите ги играат Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев, а вокал и укулеле Лео Поповиќ. Со материјали од здружението ХОПС – Опции за здрав живот, ја актуализира темата на зависности кај младите и носи силни пораки до општеството.
Режисерката Стојаноска потенцира дека независната сцена во нашата држава е многу нова, иако во многу земји е далеку поразвиена и поддржана.
– Кај нас независната сцена некако како да се бори со последни сили да преживее, соочувајќи се со недостиг од термини и простор за проби, финансиски проблеми и друго. Публиката е навикната на репертоарска понуда и можеби оваа наша сцена како алтернативна форма што се занимава со “потешки” теми, форма што е интерактивна со публиката, ја плаши по малку. Ќе кажам дека на театарџиите им е потребна токму таа слобода што ја нуди алтернативната сцена, а истовремено им нуди опфат на теми што можеби, и не се за секој. Една таква тема за која “Кенди” говори гласно е опијатна зависност кај младите. Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубов постепено се изобличува и станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот. „Кенди“ и како приказ на едно „современо“ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги. дроги. Тука ќе го истакнам здружението ХОПС што помага токму на вакви зависници и им нуди помош и опции за здрав живот, вели Стојаноска.
“Гига Фест 2024” е дел од програмата на “Кривопаланечко културно лето” и манифестација „Крива Паланка – Град на културата“.
Тридневниот фестивал продолжува вечерва,
со проекција на документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“ во 20 часот и музички перформанс „Ставро и Џејд“ на платото пред ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.
Затворањето на програмата е во среда, 31 јули 2024, до проекција на документарно-музичкиот филм „The Hip – Brainstorm“, исто така пред ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.