Во галерискиот простор на Националната установа Центар за култура Крива Паланка е отворена првата самостојна изложба на нашата сограѓанка, сликар -аматер, Верче Цветановска, “Кога ќе се разбуди заспиеното”.
Изложбата содржи 34 дела, експресија на енергијата на сликарско платно со акрилни бои во хиперреалистичен правец. Ова е прво претставување на нејзиното творештво пред јавноста.
-Сликам од одамна, за своја душа, создавам дела наоѓајќи едно сигурно и креативно прибежиште од брзото темпо на живот и стресот. Како сликар-наивец го негувам стилски хиперреализмот, кој подразбира сликање детални реалистични работи на големи платна. Работам со акрилни бои и низ деталите од сликите успевам да ја канализирам енергијата од секојдневните рутини во своевидна медитација низ креација. Творам повремено, бидејќи работам, имам и семејни обврски, но се трудам тој творечки занес да го одржувам во континуитет бидејќи стремам кон усовршување на овој правец во кој дефинитивно се пронајдов успешно, рече Цветановска.
Потенцира дека четката и платното се нејзино прибежиште од брзото темпо на живеење, а низ сликарските детали успева да ја канализира енергијата од секојдневните рутини во своевидна медитација низ креација.
Цветановска изрази благодарност до општината и НУ Центар за култура, до сите чинители -организатори на манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата”, за можноста да биде дел од истата.
-Животот ви ја крши душата, а уметноста ве потсетува дека ја имате. Така и нашата Верче, преку своите дела ја претставува својата креативна душа, рече нејзината пријателка, Ѓорѓика Насевска.