На втората фестивалска вечер од Мултимедијалниот алтернативен фестивал„ГИГА Фест“, која се одржа на платото пред Градскиот музеј, беше прикажан документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“, а потоа следуваше музичкиот перформанс „Ставро и Џејд“.
Режијата на документарецот „Лука“ е на Ице Виранов, сценариото на Бинева Џејд, костимограф е Столе Ангелов, камерман Иво Јанков, а музиката ја потпишуваат Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров.
Филмот, кој веќе е прикажан на повеќе фестивали и има освоено специјална награда од жирито на „Jeju Movie Concert Festival“ во Јужна Кореја, е бунт против конзумеризмот и против отпадот и ѓубрето во уметноста, наспроти уметноста која се создава од отпад и ѓубре, во обид млади музичари од Струмица да најдат место и израз за своите креативни идеи.
„Сигурно дека ова време кое го живееме носи свои „ѓубриња“. Мислам дека во секој жанр на музика и во секоја уметност воопшто, 99 проценти од она што се создава не чини, а оној еден процент е она што вреди, тоа е мое лично мислење“, изјави Ставрос Ангелков , музичар.
По проекцијата на филмот, следуваше музичка вечер на авторска музика со Ставро (гитара), еден од главните протагонисти во документарецот и Џејд (вокал), која всушност е и сценаристка на ова филмско остварување.
Јулската фестивалската програма на „ГИГА Фест“ продолжува на 31 јули со проекција на документарно-музичкиот филм „The Hip – Brainstorm“ , во режија и продукција на Јане Алтипармаков , по оригинална идеја на Љубиша Петрушевски. Камерата е на Наташа Гелева и Ања Илиева, а монтажата на Михаил Димитров. Во месец август следуваат нови фестивалски вечери посветени на ликовната и музичката уметност.
Мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА Фест“ е посветен на прерано починатиот режисер Глигор Цветковски , а е поддржан од Општина Крива Паланка. Годинава се реализира во рамките на Кривопаланечко културно лето и манифестацијата „ Крива Паланка – Град на културата“.