На програмата на манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата” и “Кривопаланечко културно лето 2024” синоќа беше целовечерниот концерт на КУЗ “Карпош”, здружението што со богатата програма и масовна посетеност уште еднаш потврди дека фолклорот е културен печат што ја отсликува душата на земјата, а фолклорните друштва се чувари на нашето македонско наследство, оставајќи го како аманет на идните генерации, учејќи ги да бидат горди на својата посебност.
Младост и зрелост обединети во фолклор, култура и традиција – вредности на нашите културни амбасадори што повеќе од пет децении нѐ претставуваат низ сите светски меридијани, беа презентирани пред публика на плоштадот “Карпошово востание”, а присутните уживаа во ората, кореографии и песни од ризницата македонски традиционален и стилизиран фолклор.
Концертот беше збогатен со настапите на гостите од фолклорните ансамбли од Република Бугарија, ФА “Рила”, Сепарева Бања и ФА “Севдах” , Врање, Република Србија.
Присутните ги поздрави и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, потенцирајќи дека членовите на КУЗ Карпош како културни амбасадори повеќе од пет децении го чуваат и негуваат фолклорот од кривопаланечко,од регионот и државата, презентирајќи ги низ Европа и светот.
На настанот беа доделени и плакети и признанија од страна на здружението за соработниците и членовите заслужни за опстојувањето и работата на друштвото низ годините.