Од денес до петок на градскиот стадион во Крива Паланка над 200 дечиња на возраст од 6 до 11 години ќе бидат дел од спортско-забавната манифестација “Фудбал за сите 2014”.
Настанот што секоја година во месец август преку фудбал и спорт обединува повеќе од 200 дечиња, со една цел- спорт, забава и дружба, официјално го отвори градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој рече дека прекрасната глетка денес овде на спортскиот комплекс ги полни и очите и срцата.
-Драги дечиња, спортски работници, родители, ве поздравувам од преполниот стадион ова утро. Прекрасна глетка што нема цена, затоа што, искрено, верувајте, ако нешто е скапоцено,тоа е токму оваа глетка: детска среќа и детски џагор што ги гледаме денес тука.Ние како локална власт преку организација на низа настани со конкретни примери покажавме што значи, коли е значајно да се сака да се работи за таа детска среќа. Работа која лично мене ме исполнува и ми дава елан и мотив да продолжиме уште повеќе да работиме на вакви и слични настани.
Но не само преку настаните, ние покажавме преку директни финансиски вложувања како е да се работи за спортот во градот. За првпат,две години по ред, со директна финансиска поддршка ги поддржавме спортот и спортските работници. За првпат се вложуваат огромни финансиски средства за изградба на спортска и детска инфраструктура, буквално во секое населено место од градот.
Така, со дела, покажавме дека го сакаме спортот и знаеме да го поддржиме, рече Митовски.
Тој ја истакна одличната соработка со спортските здруженија и клубови и со Општинскиот сојуз на училишни спортови Крива Паланка.
Во соработка со Сојузот на училишни спортови од градот, под покровителство на Општина Крива Паланка, трета година по ред се организира , “Фудбал за сите 2024”, со ангажирани десетмина наставници и професори по спорт, физичко и здравствено образование, потпомогнати од десет млади асистенти.
Манифестацијата ќе трае до петок, 23 август 2024.