Со звукот на тапаните што одекна низ целиот град, предводејќи го дефилето низ централната улица и спектакуларен огномет на крајот од програмата, во Крива Паланка синоќа беше затворено годинашното, деветнаесетто издание на Меѓународниот фолклорен фестивал “Св.Јоаким Осоговски”.
Во двочасовната сценска изведба на играорците на сцената се нижеа традиција и фолклор низ танците, ората и носиите – бит сочуван како идентитетска посебност на петте земји учеснички: Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, Турција и Северна Македонија. Во трите фестивалски вечери на сцената на централниот градски плоштад во Крива Паланка продефилираа над 700 учесници од 18 фолклорни друштва и ансамбли од земјава и странство, велат организаторите од НУ Центар за култура Крива Паланка и Општина Крива Паланка.
Богатата програма продолжи со одличната интерпретација на Елена Андоновска, која извонредно ги отпеа познатите народни рефрени заедно со “Седенка” и ја расположи публиката што уживаше со програмата на “Крива Паланка – Град на културата” и “Кривопаланечко културно лето”.
Во рамки на фестивалот годинава за првпат се одржа мастер клас за културното наследство на Крива Паланка и околината, насловен, “На Јаким”, под водство на етнокореолог Бојан Петковски и семинар со етнолошко предавање за традиционалната култура во Крива Паланка и околината, одржано од истакнатите професори на Институтот за фолклор ” Марко Цепенков” :Зоранчо Малинов, Родна Величковска и Стојанче Костов. Истражувачите потврдија дека Крива Паланка има богата и развиена традиционална култура која ја презентираа преку празничната обредност, карактеристиките на традиционалното пеење и ората, а посебен осврт беше даден на шопскиот регион во кој спаѓа и кривопаланечкиот крај.
Третата празнична вечер во градот пулсираше во ритамот на “Шопско село 2024” во чиишто рамки за првпат годинава се одржува и “Фестивал на занаети и ракотворби” како и вториот “Фестивал на храна”.
“Шопско село” трае до недела, 25 август.