Новата генерација ученици, првоодделенци, од Општина Крива Паланка денес го започна својот воспитно-образовен процес.
Радосен детски џагор ги исполни училиштата на првиот училиштен ден од новата учебна година 2024/25 во општината, во двете основни училишта: ООУ “Свети Јоаким Крчовски” и ООУ “Илинден”, каде за најмалите ученици кои денес првпат седнуваат во училишните клупи, се организираше и свечен прием.
Среќен почеток на воспитно-образовниот процес на вкупно 114 првачиња од градот им посакаа директорите на училиштата, како и
градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Тој им посака успешно отпочнување на новото поглавје во нивниот живот.
-Драги првачиња, на овој ден го правите најважниот чекор во својот живот, учејќи како да се справувате со сите предизвици пред кои ќе бидете исправени. Ви посакувам лесно да ги совладувате сите нови искуства и знаења. Ви посакувам успешна година со многу стекнати нови знаења, многу насмевки, многу дружења и нови другарства стекнати во школските клупи. И секако, ви посакувам добро здравје и среќни училишни денови, порача градоначалникот Митовски, кој воедно, ги уважи просветните работници како носители на една од најблагородните и најплеменити професии.
Сите првачиња и годинава добија бесплатен школски ранец “Таргет” и училишен прибор во соработка на општината со општествено одговорна компанија од градот.
Мерката што веќе трета учебна година се имплементира еднократна финансиска поддршка, 3.000 денари од буџетот на Општина Крива Паланка, продолжува и во оваа учебна година, а аплицирањето за годинашните првачиња е во тек.
Во обраќањето градоначалникот го најави новитетот за оваа учебна година: општината заедно со основните и средното општинско училиште обезбедија бесплатни два комплети училишна униформа за сите ученици.
-Токму од оваа година учебна година заедно со директорите од основните и средното училиште, смогнавме буџетски сили да реализираме уште една одлична програмска мерка, а тоа се бесплатни униформи за сите ученици на територија на Општина Крива Паланка. Секој ученик од општината ќе добие, бесплатно, по два комплети училишна униформа. Униформите ги изработи фирма со докажан квалитет и реноме, која работи по високи стандарди за извоз на странскиот пазар. Уште поважно е што мерката не е случајно донесена, туку е осмислена за директно да влијае врз домашниот семеен буџет. Уште поважно е што ќе придонесе да не се прават дополнителни трошоци во семејствата, и најважно – мерка што ќе придонесе да нема разлики и поделба меѓу дечињата затоа што така не воспитувале и така не учеле, дека нема разлики, дека тука во училишните клупи сите се подеднакво исти и ние сме должни тоа да го пренесуваме на помладите генерации, рече Митовски.
Градоначалникот порача дека со ова се испраќа порака до младите дека не треба да бидат во трка за трендови, туку единствениот натпревар важен во училиште е трката по нови знаења и вредности како личност.