Македонскиот глумец Никола Ристановски е овогодинешниот добитник на признанието Лауреат на 16 – то издание на Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.
Ристановски е член на ансамблот на Македонскиот народен театар (МНТ) и актер со многу богата театарска и филмска кариера и во Македонија и во странство. Тој е најтрофејниот активен актер од Македонија, со голем број награди и признанија, добиени за претстави продуцирани и надвор од матичната земја.
Никола Ристановски е роден на 23 јануари 1969г., во Острава, Чешка. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Владимир Милчин, во 1993 г.
Од 1994 г. работи во Македонски народен театар – Скопје.
За особен придонес во македонската театарска уметност и култура, градоначалникот Сашко Митовски на Ристановски му ја врачи плакетата на општината, која е и покровител и организатор на фестивалот, а осврт за животот и делото на актерот Ристановски, даде литературниот и театарски критичар, писател и публицист – Гоце Ристовски.
Никола Ристановски, имаше свое обраќање пред присутните, каде ги пренесе своите импресии од луѓето кои тука ги сретнал и запознал, од градот и енергијата која ја почувствувал, воедно искажа и огромна благодарност до фестивалот и до општината за укажанатата чест и за признанието.