Со цел транспарентно распоредување на буџетските средства, во соработка со граѓаните на општината, денес во Крива Паланка, се одржа првата форумска сесија од буџетскиот процес за подготовка на родово одговорен Буџетот на општина Крива Паланка за следната 2025 година.
На форумската сесија, покрај раководителите од општинската администрација, присуствуваа и претставниците на месните и урбаните заедници, бизнис заедницата, преставници на институциите, здруженијата кои функционираат во општината и сите граѓани кои сакаат да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет.
На денешната прва форумска сесија, беа дефинирани програмите, во кои на следните две сесии ќе бидат разработени конкретни предлози, за кои учесниците ќе гласаат на последната – четврта форумска сесија.
Буџетскиот форум има за цел директно вклучување на граѓаните во подготовката на буџетот на општина Крива Паланка за претстојната 2025 година.
Форумскиот процес го отвори и го поздрави и градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој пред големиот број присутни се осврна на досегашната успешна реализација на буџетот и воедно испрати порака до сите учесници на форумот:
“Благодарение на успешната реализација и неколкугодишното практикување на буџетскиот форум, Општината сериозно ги зема во предвид вашите предлози, препораки и приоритети и единствено на тој начин ги носиме и клучните одлуки и заедно сублимираме, како и каде најдобро да ги насочиме општинските средства. А тие финасиски средства на индиректен начин повторно ги трансферираме до вас граѓаните, реализирајќи разни мерки за подршка и помош и преку инплементација на проекти од сите области наменети за сите граѓани од нашата локална заеница. Затоа бидете проактивни на буџетскиот форум, бидете нашиот коректив и нашиот патоказ по кој заеднички ќе се движиме и ќе го унапредуваме животот на секој еден член на нашата Општина“, изјави градоначалникот Миотвски.
Форумскиот процес го води модераторот, Лидија Митовска која во својот вовед нагласи дека целта на буџетскиот форум е граѓаните да добијат целосен увид во приходите и расходите на општината и со свои предлози да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет за 2025 година, во рамките на стратешкиот развоен план и приоритетите за развој на општината за наредната година.