Делегација од Општина Крива Паланка предводена од раководителот на одделение за локален економски развој и евроинтеграции, Антонио Давитковски во придружба на директорот на ЈП Калин Камен, Јорданчо Миневски и виш соработник за планирање и следење на локален економски развој и туризам, Сашко Додевски, на покана на Градоначалникот Сокол Халили присуствуваа на работен состанок во Општина Витина, Република Косово по повод отворениот повик од Програма за прекугранична соработка Северна Македонија-Косово, Инструмент за претпристапна помош (IPAIII) финансирана од ЕУ.
Во рамки на состанокот беше потпишан и Меморандум за разбирање помеѓу двете општини со што беше озваничена соработката во рамки на повикот, како и на други полиња од взаемен интерес.
На состанокот беше дискутирано за можните приоритети за аплицирање на проекти поврзани со заштита на животната средина, адаптација и ублажување н аклиматските промени, превенција и управување со ризици, како и за можностите за остварување на соработка помеѓу деловни субјекти од двете општини во рамки на истиот повик.
Двете партнерски општини и претходно имаат соработувано во рамки на истата програма во проектот „Туризам без граници“ од кој, како инвестициска компонента беше изградена првата фаза од пешачката патека на м.в. Стара вада.