Во пресрет на новогодишните празници, Крива Паланка повторно блесна со илјадници светилки, раскошно накитена и украсена – сјае во празничен декор и ја донесе празничната магија во срцата на паланчани.
Желбата за убава празнична атмосфера, задоволни граѓани и насмеани и среќни детски лица, се главниот мотив на градопначалникот Сашко Митовски, четврта година по ред, да се истрае во намерата Крива Паланка да биде најубаво новогодишно украсен град во Македонија и затоа деновиве, градот е повторно облечен во своето празнично руво и наликува на град од бајките.
Општина Крива Паланка заслужено има свои нови обележја „град што блеска“ или „најубаво украсен град во државата“, зошто за тоа сведочат најубавите можни коментари упатени на социјалните мрежи, медиумите и од сите, кои на било кој начин ја почувствувале празничната атмосфера или ги виделе креативните декорации, светлечките инсталации и штандовите исполнети со празнична новогодишна тематика.
Како што се вели – една слика кажува илјада зборови, за сега ќе оставиме фотиграфиите за зборуват сами за себе, како еден мал град има големо срце и уште поголема душа за сите добронамерници и оние кои ја милуваат добрината и убавината.