Oпштина Крива Паланка и годинава организира традиционалната Бадникова прослава, која ќе се одржи на 06.01.2025 година, понеделник, со почеток во 11,00 часот, на Градскиот плоштад, по повод големиот верски празник кој го најавува Христовото раѓање.
Манифестацијата ќе започне со Бадникова поворка во која ќе учествуваат над 200 дечиња кои ќе носат божиќни ѕвезди и ќе пеат свечени песни. Бадниковата поворка ќе продефилира од плоштадот Карпошово востание до Градскиот плоштад, каде ќе пристигне во 11,00 часот, по што следува мал свечен концерт на учениците под раководство на проф. Лариса Жулина Митовски.
Во духот на традицијата, ќе се изврши и избор на бадникарски кум и предавање на кумството како важен праничен момент посветен на радоста и среќата што ја носи Бадник.
„Бадниковата прослава е време кога се соединуваме како заедница, разменуваме радост, убави желби и создадеме спомени кои ќе не греат цела година. Оваа празничната атмосфера ја слави обичајноста, почитувањето на семејните вредности и обединувањето на сите граѓани“, велат организаторите од Општина Крива Паланка.
За сите граѓани се организира и Бадниковата трпеза, со традиционална бадникова храна, што ќе се продава по симболични цени, а собраните средства ќе бидат донирани за матурантите од семејствата во социјален ризик.
Општина Крива Паланка уште еднаш ги повикува сите заинтересирани да се пријават за изборот на бадникарски кум. Пријавувањето е секој работен ден од 07,30 до 15,30 часот, лично, на телефон 075 368 077 или на е-маил [email protected], најдоцна до 05.01.2025 година.
Лице за контакт: Лидија Митовска, 075 368 077.