Во рамките на прославата на големиот христијански празник Богојавление – Водици,Општина Крива Паланка во недела 19.1.2025 год. со почеток 10.00 часот, на плоштадот во Крива Паланка ја организира традиционалната манифестација „Пивтијада 2025“.
Манифестацијата ќе има културен и хуманитарен карактер. Во рамки на културниот дел на манифестацијата ќе настапат фолк пејачката Адријана Алачки и еден од најдобрите македонски кларинетисти Гоце Димовски, член на далеку познатата етно група „Синтезис“.
Во хуманитарниот дел од манифестацијата секој граѓанин преку купување на пивтија ќе има можност да донира, по што собраните средства ќе се донираат во хуманитарни цели.
Манифиција ќе биде збогатена и со богата традиционална богојавленска трпеза и топли пијалоци за сите посетители.
Црковниот ритуал и свечената прослава на големиот христијански празник Богојавление – Водици започнува со свечена литургија во црквата Свети Димитрија, по што следува чинот на фрлањето на благословениот крст во водите на Крива Река, а потоа продолжува со манифестацијата „Пивтијада“. Фрлањето на крстот ќе се случува во 9.00 часот, од мостот што води кон населбата „Бавчалк“, т.н Шанин мост.
Сите заинтересирани верници, кои ќе скокат по крстот во водите на Крива Река потребно е да извршат медицински преглед кај својот матичен лекар и да достават потврда за нивната здравствена состојба, во црквата Свети Димитрија.
Општина Крива Паланка ги повикува граѓаните да дојдат на местотото на настанот и заеднички во духот на традицијата да го прославиме овој убав ден.