Денес, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски имаше чест да ги угости високите претставници од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Гостите беа: директорот на ЕИБ, г. Бјорн Габриел, директорот на ГИЗ за Северна Македонија, г. Давид Оберхубер, програмскиот менаџер во ГИЗ Северна Македонија, г. Александер Ерлевеин, и Филип Нелковски од ГИЗ.
Поводот за посетата беше, давање на поддршка со техничка помош што Општина Крива Паланка ја обезбеди од ЕИБ преку ГИЗ, а која се однесува на финансирање на пред-физибилити студија за менаџирање со поплави во рамки на ГАП-фондот за справување со последиците од климатските промени. Студијата ќе биде изготвена од страна на меѓународни хидролози и стручни експерти, а нејзината цел е да ги обезбеди потребните основи за планирање и изтовка на техничка документација за изградба на мајор зид, како и стратегија за заштита од поплави во нашето подрачје.
Оваа студија ќе отвори нови можности за реализација на урбаните планови во Крива Паланка, особено по течението на Крива Река во делот од населба „Единство“ до „Технички преглед“, каде што се планира регулација на реката и изградба на сервисна улица по левиот брег. Важен аспект на проектот е и урбанизацјата и развојот на инфраструктурата во овој регион.
Претставниците од ГИЗ и ЕИБ ги искажаа своите позитивни ставови за досегашната успешна соработка и комуникација, како и за капацитетите и човечките ресурси на Општина Крива Паланка, што ги прави подготвени за реализација на голем број проекти. На средбата беше отворена и дискусија за можностите за финансирање и имплементација на идни проекти кои ќе ја унапредат инфраструктурата и животната средина во нашата општина.
Со оваа посета и започнатиот проект, Општина Крива Паланка продолжува да се движи напред во насока на одржлив развој и заштита на природата, како и да се подготви за справување со предизвиците кои ги носат климатските промени.