Почна уредувањето на новиот урбан парк покрај комплексот згради кај градски зелен пазар

Почна изведбата на работите од најновиот проект „ПАРКС“ што Општина Крива Паланка го имплементира заедно со партнер општината Дупница во рамки на ИНТЕРЕГ – ИПА програмата на Евопската Унија за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски заедно со претставници од општинските стручни служби изврши увид во почетокот на градежните работи на терен каде беше воведен во градба изведувачот „Конструктор“.

Проектот е со вкупна вредност од 895.000 евра од кои за Крива Паланка се доделени 388.000 евра, со кои е предвидена изградба на нов, урбан, зелен парк што ќе донесе пејзажна трансформација на целата локација.

-Денес беше воведен во работа изведувачот што ќе работи на теренските активности за уредување модерен,зелен, парк на површина од 1800 м2, со хортикултурни содржини и модерен урбан изглед. Покрај уредување на локацијата со проектните активности за првпат инсталираме сензори за следење на квалитетот на воздухот во градот и Крива Паланка добива прв зелен катастар за урбаното подрачје. Локацијата ќе добие пејзажна трансформација, а како локална самопурава продолжуваме да вложуваме и уредуваме во општината, со акцент на нови еколошки решенија за одржлива општина со нов, урбан лик, изјави денес градоначалникот на Општина Крива Паланка, Митовски.

Проектот „ПАРКС“- зачувување на областите преку регионално знаење и одржливост“ со активностите за Крива Паланка опфаќа и изработка на педолошка анализа на почвата,  обука за локалното население за уредување зелени површини и публикација на прирачник за одгледување амбиентални растенија.

Овој проект ќе отвори нова страница во еколошкото планирање на градот, со поврзување на екологијата и технологијата за одржлива урбана општина.

Целта на проектот е зголемување на зелената инфраструктура во пограничниот регион, во Крива Паланка и Дупница, преку ревитализација на урбаните зони со зелени паркови, живописни зелени простори и користење најсовремена технологија за постојано следење на животната средина.

Големина на фонт
Контраст