Автентично и уникатно дефиле во традиционални костими според некогашната градска традиција на маски и палење оган во чест на празникот Прочка, во Крива Паланка денес се одржа манифестацијата “Сусурига 2025”, во организација на Општина Крива Паланка и фондацијата “Со срце за Крива Паланка”.
Дефилето започна од плоштадот “Карпошово востание “, пред општината, продолжи низ централната градска улица, а на градскиот плоштад се одржа централниот настан што кулминираше со палење оган.
На манифестацијата настапија: “Осоговски биждеци” од КУЗ Карпош, Крива Паланка, ‘Џоломари” од Манастирец,
“Трновски ветришта” од КУД “8 Октомври” Крива Паланка и “Бамбурци” од Ратево.
Според директорот на Градскиот музеј Крива Паланка, Драган Величковски, традицијата од етнографскиот крај на кривопаланечкиот регион се практикувала во минатото, со маскирање и палење оган за време на празникот Прочка.
-Оваа традиција што се прославувала во повеќе делови на Крива Паланка, била “жива” до периодот на 50- те и 60- те години, но со текот на времето истата полека изумира. Ние ја возобновивме минатата година, во рамки на манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата за 2024”, за да веќе прерасне во нова манифестација што се омасовува и повторно станува дел од програмата настани од културата со заживување на традиционалните форми на прослава, изјави Величковски.
Настанот ги оживеа старите градски традиции, а покрај маскирање и ритуално палење оган, уникатни за Крива Паланка, беше претставен и обичајот “амкање” кој се изведувал со варено јајце во домовите,каде некој од повозрасните членови на семејството го врзувале за конец, а дечињата се обидувале да го дофатат .
По палењето на огнот, што симболично го изведе градоначалникот, Сашко Митовски, и доделувањето благодарници за учество,
“Сусурига 2025” беше заокружена со заедничка дружба на присутните, учесниците и посетителите, со топли пијалоци, веселба и проштевање во духот на христијанската традиција и празникот Прочка.