Партерното уредување на дворот на училиштето во село Градец – уште еден сегмент за туристичка промоција на овој значаен културно-историски локалитет

Извршените инвестициски работи за партерно уредување на старото училиште кај културно – историскиот локалитет во село Градец претставуваат уште еден сегмент за туристичка промоција на овој значаен културно-историски локалитет

Уредувањето е реализирано со проектот „Земја на легендите“ што Општина Крива Паланка го имплементираше во партнерство со збратимениот Град Лесковац во рамки на ИПА 2 програмата за прекугранична соработка помеѓу Србија и Северна Македонија, кофинансирана од Европската Унија.

Инвестицијата за партерно уредување на дворот на училиштето изнесува 3 660 000 денари, а вкупната вредност на проектот за двете општини изнесува околу 12 000 000 денари.

Инвестицијата опфати партерно уредување на површина од 11.000 метри квадратни на локалитетот кај старото школо, во близина на црквата „Св. Никола“, поставена е урбана опрема, клупи и чешми, поставени се:  сцена за одржување културни настани, тремови и настрешници,   уредени се пристапи за лица со попречености и локацијата е хорикултурно уредена.

Уредувањето на дворот на училиштето е само уште еден сегмент што дава придонес кон промоција и афирмација на културно-историскиот локалитет Градец, со исклучителен потенцијал за понатамошен развој со интегрирана туристичка понуда, што содржи и археолошки локалитет, културолошки и релиогиозни содржини, како испосницата на светецот-закрилник на градот, Свети Јоаким Осоговски, црквата „Свети Никола“ и богати природни ресурси и потенцијали.

Во делот на неинвестициските активности од проектот „Земја на легендите“ , Крива Паланка и Лесковац изработија заеднички прекуграничен маркетинг план за комуникација и видливост,  е-публикација за културно историско наследство, промотивно видео и заедничка туристичка понуда. На повеќе фреквентни локации во двата партнерски града поставени се дрвени држачи со 30 различни видови лифлети, креирани во рамки на проектот, а истите содржат локални легенди и преданија од богатото културно-историско наследство на регионот.

Со реализацијата на овој проект интегрираната туристичката понуда на двата региони е проширена преку самата промоција на културно-историското наследство и традиција на Лесковац и Општина Крива Паланка.

Проектот се имплеменираше во периодот 2023-2024 година и е втор успешно реализиран ИПА –прекуграничен проект на овие две збратимени општини со чиешто партнерство во  периодот 2021-2022 година се имплементираше проектот „Да ги поврземе бисерите” со кој беше уреден локалитетот Станечки водопади и изградена е пешачка патека кон Калин Камен во Општина Крива Паланка, а во Лесковац беше извршено уредување на кањонот Вучјанка.

Големина на фонт
Контраст