Прес-конфренција за резултатите од анализа на водата во Крива Река на примероци земени по настанувањето на инцидентот-хаварија во рудникот „Тораница” -,,Булмак 2016″

Со цел навремено информирање на јавноста и подигање на свеста за сериозноста на ситуацијата, градоначалникот на Општина Крива Паланка одржа прес конференција со резултатите од анализите на мостри земени во Крива Река ден по настанување на хаваријата во рудникот „Тораница” ( 14.3.2025).

По повод одржаната прес-конференција на која присуствуваа неколку национални и регионални медиуми, Општина Крива Паланка го достави следното соопштение:

„Согласно извештајот на акредитираната лабораторија „Технолаб” – Скопје, земените примероци од водата по хаваријата во рудникот „Тораница”
покажуваат дека водата е сериозно загадена и опасна за животот и здравјето на луѓето. Резултатите укажуваат на алармантно зголемени концентрации на штетни материи, вклучувајќи:

• Десеткратно зголемување на концентрацијата на олово,
• Неколку стотици пати зголемени концентрации на цијаниди, фосфор и азот.

Барање за кривична одговорност

Општина Крива Паланка ќе бара кривична одговорност за загадувањето, согласно релевантните одредби од Кривичниот законик. Го повикуваме Јавното обвинителство итно да преземе мерки за санкционирање на сторителот, согласно:

• Член 218 од КЗ – За загадување на воздухот, почвата и водните текови, со предвидена казна затвор од 4 до 10 години,
• Член 219 од КЗ – За загадување на водата за пиење,
• Член 223 од КЗ – За загадување на водата за напојување добиток,
• Член 234 од КЗ – За тешки дела против животната средина и природата,
• Член 355 од КЗ – За доведување во заблуда од страна на службени лица.

Загадувањето предизвикано од концесионерот на рудникот „Тораница” има потенцијал да предизвика:

• Загрозување на животот и здравјето на луѓето кои ја користат водата,
• Загадување на почвата и земјоделските насади,
• Опасност по сточниот фонд кој се напојува од овие водни текови, што индиректно влијае на безбедноста на храната.

Дополнително, алармираме за неодговорното однесување на пратеникот Емил Спасовски и претставници на Државниот инспекторат за животна средина, кои со неосновани изјави ја довеле јавноста во заблуда, тврдејќи дека водата е безбедна за употреба без да имаат релевантни податоци.

Неодговорноста и популизмот не смеат да бидат одлика на системот кој треба да ја штити безбедноста на граѓаните. Очекуваме од институциите итно постапување и решителни мерки за спречување на вакви случаи во иднина. Општина Крива Паланка ќе преземе активности за санација на штетите и ќе побара дополнителна поддршка од централната власт”.

Општина Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст