Ученици од нижото музичко училиште при ООУ„Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка, кои ги изучуваат тајните на музиката под раководство на професорката Лариса Жулина-Митовски, освоија вредни награди на Меѓународниот натпревар по камерна музика, кој се одржа по 5-ти пат во Кавадарци.
Младите таленти Ања и Мелани Алексовски, Лора Петкова и Нина Димитровска ги освоија првото и второто место во четирирачно свирење на пијано, во преткатегорија одредена според нивната возраст. Ученичките од 4 и 5 одделение ги воодушевија присутните и жирито со своето музицирање, доделувајќи им ги вредните награди.
-Пресреќна сум што настапив успешно на натпреварот и што со своето свирење го заслужив добиеното признание. Ова беше прв мој настап пред толку бројна публика и ми дава поттик да се усовршувам и да и се посветам уште повеќе на музиката, вели малата Лора Петкова.
Меѓународниот натпревар за камерна музика во Кавадарци се одржува во организација на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ и Основното музичко-балетско училиште „Лазо Мицев Рале“, под покровителство на градоначалникот и Советот на општина Кавадарци и со поддршка од Министерството за култура на РМ. Според организаторите, целта на овој натпревар е откривање и афирмација на млади таленти и на педагози со исклучителни резултати, како и на размена на педагошки искуства. Преку натпреварувачката и концертна активност, учениците се стекнуваат со самодоверба и се мотивираат и понатаму да го развиваат својот талент.
Учесниците ги оценува од меѓународно жири, составено од еминентни педагози и активни музички уметници. Кривопаланечките музички таленти, кои биле меѓу најмладите учесници на натпреварот, успеале да се истанат со својот труд и да ги добијат наградите во исклучително силна конкуренција на голем број учесници од Македонија, Србија, Бугарија, БиХ и од Хрватска.
Учениците од нижото музичко училиште при ООУ„Јоаким Крчовски“ и нивните родители изразуваат особена благодарност до градоначалникот Арсенчо Алексовски, општина Крива Паланка и до директорот на ООУ„Јоаким Крчовски“, Драги Ристовски за нивната несебична поддршка при обезбедувањето услови за развојот на музичката дејност.