Поклонение на Свети Теодор Тирон 2015

Невестинското поклонение на Свети Теодор Тирон го доживеа своето шесто издание. Од година на година бројот на добронамерниците кои доаѓаат да ги поздрават учесничките на Невестинското поклонение е се поголем, а манифестацијата прераснува во своевиден културен бренд и мотив повеќе да се посети родниот крај и да се оживеат спомените на сите отселени кривопаланчани.

[embpicasa id=”6121537689061529057″]

Околу илјада граѓани уживаа во дефилето што го направија невестите кое за момент не навраќа на нашите корени, на традицијата, а колоритот на народните носии не потсетува на вештината што ја поседувале нашите мајки и баби во изработката на народните носии.

Манифестацијата традиционално започнува со поделувањето на поклоненичките марами од страна на инцијаторот за возобновување на манифестацијата г.Стојанче Величковски, а потоа камбаните го најавуваат свеченото дефиле кое, придружувано од тапаните и народните инструменти, измамува воздишки и чувство на восхит кај присутните.

Овогодинешната културна манифестација беше поздравена од вицепремиерот задолжен за економски прашања, г.Владимир Пешевски, кој во пригодното обраќање ги охрабри организаторите да продолжат со реализација на манифестацијата која ја негува македонската народна традиција.

Учесничките и присутните граѓани беа поздравени од страна на покровителот на манифестацијата градоначалникот на општина Крива Паланка, г.Арсенчо Алексовски, кој истакна дека оваа манифестација го заживеа некогашниот обичај невестите венчани помеѓу двете Тодорици да ги облечат своите венчални носии и со своите свекрви да се поклонат пред храмот на светецот.

Ова е всушност  дел од автентичното прославување на Тодорица, која е празник на селото Конопница, а светецот Теодор Тирон се верува дека е заштитник на младите и породот. На овој ден илјадници верници се навраќаат на корените и традицијата, а ние како општина и понатаму ќе продолжиме да го негуваме овој обичај, истакна градоначалникот Алексовски.

Пред одржување на манифестацијата беше одржана литургија од страна на Кривопаланечкото архиерејско-намесништво и беа спроведени сите црковни обреди.

По завршувањето на свеченото дефиле, невестите добија букети со цвеќе од градоначалникот на општина Крива Паланка и присуствуваа на заедничкиот ручек организиран во нивна чест.

Големина на фонт
Контраст