Општина Крива Паланка бара кредит од Светска банка за четири приоритетни проекти, од кои најприоритетен е изградба на мини-хидроцентрали, за што се потребни околу 1,2 милион евра
Општина Крива Паланка бара дел од средствата од кредитната линија што државата ја има добиено од Светската банка за да ги реализира приоритетните општински проекти.
Локалната самоуправа е подготвена да аплицира за овие средства во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги, кој го спроведува Министерството за финансии, а за кој има постигнато договор со Светската банка за кредит од вкупно 18,9 милиони евра, што е дел од 4-годишната стратегија за партнерство со Македонија. Право на кредитирање имаат само општините што преминале во втората фаза на фискална децентрализација, меѓу кои е и Крива Паланка, која ги исполнува условите за финансирање.
– Локалната самоуправа одржа јавна расправа на која беа презентирани потребите и бенефитите од неколку значајни проекти за општината, кои се однесуваат на подобрување на услугите и задоволување на потребите на граѓаните за поквалитетен живот. За оваа цел издвоени се четири проекти, меѓу кои реконструкција на уличното осветлување, замена на азбестно-цементните цевки на градскиот водовод со полиетиленски, замена на водомерите и изградба на мини-хидроцентрали на транспортните цевководи на Калин Камен и Станечка Река – истакнува Добривој Николовски, раководител на Секторот за урбанизам, сообраќај, заштита на животната средина и комунални работи.
Според согледувањата, како најприоритетен проект за кој ќе се бараат пари од оваа кредитна линија е издвоен проектот за изградба на мини-хидроцентралите. Со реализација на овој проект не само што ќе се обезбеди поквалитетна вода за пиење, збогатена со кислород, туку истовремен ќе се генерираат и значајни приходи за општината. Според пресметките, проектот ќе чини 1.175.000 евра, а од овој објект за производство на електрична енергија годишно ќе се слеваат околу 460.000 евра во општинската каса.
– Во зависност од кредитоспособноста на Општината, размислуваме да побараме кредит и за уште некој од истакнатите проекти, за што во тек се анализи за финансиските можности на Општината – вели Николовски.
За реконструкцијата на јавното осветлување во градот и во населените места потребни се 6,7 милиони денари, а со нив е планирана замена на живините светилки со натриумови. Со тоа ќе се овозможат заштеди во потрошувачката и одржувањето на системот, како и намалување на трошоците на општината за оваа намена. Предвидено е инвестицијата да се исплати за период помал од пет години. За замена на азбестните цевки од градскиот водовод, пак, со кои ќе се добие здрава и квалитетна вода, потребни се 8 милиони денари, а со замена на водомерите со нови дигитални ќе се овозможи лесно и ефикасно читање на потрошувачката на вода.
Министерството за финансии треба да даде потврда за одобрување на потребните кредитни средства од Светската банка, чиј рок на отплата е 13 години, вклучувајќи го и грејс-периодот од 3 години.
Извор:Дневник