Семејството на Мери Елен Хеилбрун од САД, која има потекло од Крива Паланка, основа фондација во нејзина чест, а парите ќе ги даде за развојот на родниот град на своите предци.
Новата фондација „Мери Елен Хеилбрун“ од Калифорнија, САД, ќе го финансира основањето градски музеј во Крива Паланка. Градот поради недостиг од пари не можеше да ја оформи оваа културна институција и да го заштити своето културно-историско наследство. Фондацијата е основана од потомците на неодамна починатата Мери Елен Хеилбрун, која има македонско потекло, а нејзините три деца Керол, Тод и Сузан, ја основале поради нејзината емотивна поврзаност со Македонија и одлучиле парите да ги донираат за родниот крај на родителите на својата мајка. Паричната помош од оваа фондација, е од огромно значење за овој град, затоа што конечно ќе се создадат можности Крива Паланка да добие музеј и да ги обезбеди и презентира своите културни вредности.
– Општината веќе неколку години прави напори за основање и оформување на првиот Градски музеј. Досега успеавме да ја изработиме потребната документација и неопходните правни акти во согласност со националното законодавство, а имаме собрано и добар дел од збирките за музејот, односно, околу 1.500 артефакти. Но, недостасуваат пари за реконструкција и опремување на објектите во кои треба да бидат сместени и изложени збирките. Потребно е довршување на реконструкцијата на Манастирскиот ан, за во кој е предвидено да биде сместена етнолошката збирка, како и довршување на реконструкцијата и адаптација на објектот и просторот во зградата на некогашниот Дом на АРМ, за каде што е планирано да бидат поставени историската и постојаната археолошка збирка. Паричната помош од фондацијата „Мери Елен Хеилбрун“ ќе ни овозможи Градскиот музеј конечно да може да профункционира – вели етнологот Драган Величковски.
Мери Елен Хеилбрун потекнува од печалбарско кривопаланечко семејство. Нејзиниот татко Милан емигрирал во САД во 1915 година, а мајка и’ Магдалена, која потекнува од познатата кривопаланечка фамилија Тодосови, заминала во САД во 1922 година, откако по големата поплава во Крива Паланка нејзиниот татко останал без своето богатство. Сепак, тие останале приврзани за родниот крај и за Македонија и одржувале контакти со своите блиски. Семејството на Мери Елен веќе остварило контакт и со градоначалникот Арсенчо Алексовски при неговиот неодамнешен престој во САД, при што биле договорени активностите за соработката на Фондацијата со општината.
– За довршување на објектите во кои ќе функционира Градскиот музеј е потребна поголема сума, кои општината не може да ги обебеди. Затоа сме благодарни на оваа несебична и искрена помош од нашите иселеници, кои несебично се обидуваат да помогнат за развојот на својот роден град, исто како што беше случајот и при обезбедувањето на донацијата за Здравствениот дом. Многу сме благодарни на семејството Хеилбрун и на нивната фондација. Се надеваме дека со нивна помош ќе можеме целосно да ги завршиме потребните објекти и да ги ставиме во функција. Имаме вредно културно-историско наследство, кое треба да го зачуваме за идните генерации – вели Алексовски.
Општината во соработка со Центарот за култура и стручни лица веќе изработи четиригодишна програма за развој на музејската дејност. Главен акцент во програмата за периодот 2010 – 2014 година е ставен на меѓуинституционаланта соработка во развојот и унапредувањето на музејската дејност во општината.
– На градот му недостигаше ваква институција, која ќе се грижи за вредните артефакти, кои повеќе нема да се уништуваат и да бидат далеку од очите на јавноста, туку ќе го добијат вистинското место – вели Величковски.
Извор: Дневник