Архивот му подари документи на Градскиот Музеј

Новоформираниот Градски музеј од Крива Паланка доби од државата донации и парична поддршка за проекти, со кои годинава ќе ја реализира својата музејска дејност. Од Државниот архив на Македонија е обезбедена донација на вредни изданија, со многу архивски документи и материјали за историјата и борбата на македонскиот народ за слобода и за своја држава. Најголем дел од архивскиот материјал се однесува на револуционерната борба од крајот на 19 и во почетокот на 20 век.

– Како новоформирана установа успеавме да воспоставиме добра соработка со најзначајната институција во државава и да добиеме значајна донација од книги, која изобилува со вредни документи од револуционерната борба, вклучувајќи го и Кривопаланечко. Имајќи предвид дека овој период од историјата на локално ниво воопшто не е истражуван, се надеваме дека ќе предизвикаме интерес кај младите историчари да се посветат на истражување на процесите и промените, што беа предизвикани во тоа време – вели раководителот на Музејот, Драган Величковски.

Со парична поддршка на Министерството за култура, преку програмата од национален интерес за 2010 година, во Градскиот музеј ќе се реализираат и три изложбени поставки и тоа историска и староградска етнопоставка и староградската архитектура некогаш и денес.

– Проектите се однесуваат на првата фотодокументирана поставка за историјата и развојот на градот, староградската архитектура и старото градско јадро, а дел од средствата е наменет за откуп на предмети и материјали од стариот градски живот – вели Величковски.

Големина на фонт
Контраст