Крива Паланка урбано се исправува

Новиот генерален урбанистички план (ГУП) на Крива Паланка конечно ќе стави крај на долгогодишниот проблем со урбанистичкиот хаос во градот, кој беше предизвикан од застојот во дефинирањето на трасата на новата железница кон Бугарија. Општината ќе добие парична помош од државата за изработка на планот. По 15 години лани конечно беше утврдена трасата што минува низ градот.

Конечно се создадоа услови за плански развој, но општината немаше пари за подготвување на новите урбанистички решенија, поради што и понатаму остана соочена со натрупаните проблеми со блокираната изградба. Сега е договорена финансиска поддршка од Владата и веќе се почнати подготовките за изработка на ГУП, по што ќе се изработува и детаљниот урбанистички план (ДУП) за десната страна од градот каде што поминува железничката траса и кој беше најпогоден од урбанистичкиот застој.

– Од државата ни е ветена помош за изработка на потребната планска документација на која граѓаните чекаат со години, а на локалната самоуправа и’ беа врзани рацете за да ги задоволи нивните потреби и да го планира целокупниот развој на општината. Со новиот ГУП ќе се покрие целата катастарска општина, што не беше случај досега. Стариот основен план од 1989 година беше со опфат од 354 ха и со него не беше испланиран целиот простор. За новиот план, кој опфаќа 582 ха, веќе е распишан јавен повик за избор на подготвувач. По негово донесување ќе се создадат услови и за изработка на ДУП за десниот брег од градот низ кој поминува трасата на новата железница и кој беше главната кочница за новите урбанистички решенија – вели Добривој Николовски, раководител на Одделението за урбанизам.

Постојните урбанистички планови, стари над 20 и 30 години, со години беа неупотребливи и не одговараа на реалните потреби на граѓаните, а локалната самоуправа беше целосно блокирана во решавањето на урбанистичките проблеми, кои го условуваа и економскиот развој на општината. Тоа доведе до деградација на просторот и инфраструктурата и до огромни штети за општинската каса.

– Поради неможноста да подготвиме нови урбанистички планови бевме соочени со проблемот со немање локации за градба и услови за привлекување инвеститори. Не можевме да го испланираме просторот со нови локации и објекти, а тоа резултира со појава на дивоградби во централното градско подрачје – истакнува Николовски.

Со новиот ГУП ќе се формираат зони за малото стопанство и индустријата, за јавниот сектор, за колективна и индивидуална градба, што досега целосно беше оневозможено. Истовремено, ќе се реши и преоптовареноста на градската улица од сообраќај, како и сообраќајното поврзување со населбите.

– Во новиот план ќе бидат вметнати и трасите на железницата и новиот автопат. Ќе се предвиди и зона за инфраструктура, потребна за овие објекти, но и за потребите на сообраќајното поврзување со градот. Со новите локации за стопански и индустриски објекти очекуваме економски развој и нови вработувања – вели Николовски.

Новите урбанистички решенија ќе овозможат и прилив на пари во општинската каса од надоместокот за користење градежно земјиште и комуналии, кои се основни приходи на општината.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст