По повод Денот на крводарителството „17-ти Март“, на 13 март 2015 година општина Крива Паланка и градоначалникот Арсенчо Алексовски организираа прием за крводарителите, во чест на нивните достигнувања во изминатата 2014 година.
-Крводарителите се најхумани луѓе, кои се водени исклучиво од идејата да помогнат на луѓето на кои им е потребна помош. Во нивна чест секоја година организираме традиционален прием за да им честитаме на нивната хуманост и да им покажеме дека секогаш ја имаат поддршката од општината. Како локална самоуправа имаме извонредна соработка со ООЦК Крива Паланка и во оваа пригода упатувам честитки за успешната реализација и натфрлувањето на планот на крводарителството за 2014 година, истакна градоначалникот Арсенчо Алексовски.
[embpicasa id=”6125696759326466497″]
Денот на крводарителите им го честита и претседателот на ООЦК Крива Паланка, Жаклина Цветковска.
– Дарувањето крв не е работа што се промовира, не е акција за лична придобивка, не е чин што обврзува некого. Дарувањето крв е исклучиво личен и доброволен чин, кој се одважуваат да го направат само луѓе со големо и широко срце, луѓе со високи морални и хумани вредности во себе, рече Цветковска.
ООЦК Крива Паланка во измината 2014 година реализираше 23 крводарителски акции, во кои од планираните 711 единици крв, остварени се вкупно 1034 крводарувања, со што планот е натфрлен за 45 отсто.
Според одлуката за доделување значки и признанија на крводарители и волонтери, кои дале придонес во омасовувањето и унапредувањето на крводарителствопто во 2014 година, беа доделени 49 значки и признанија за 5 дарувања крв, 30 за 10 крводарувања, 5 крводарители добија признанија за 25 дарувања , а плакета за 75 крводарувања му беше врачена на Исман Камберов.
За најдобар подржувач на крводарителството за минатата година е прогласена слаткарницата „ТЕА“, признание за најперспективен млад крводарител го понесе Симона Николовска, признание за посебен придонес му беше доделено на д-р Горан Колевски, а за најдобар крводарител во 2014 година беше прогласен Емил Трајчевски.