Во рамки на акцијата „Oтворено со управата за имотно-правни работи“ на 7 март 2015 во Подрачното одделение на управата во Крива Паланка присуствуваше директорот на Управата за имотно-правни работи, Зоран Крстаноски. Крстаноски и лицата од стручниот тим остварија директни средби со граѓаните на Крива Паланка и одговараа на нивните прашања.
– Акцијата на отворени денови на управата за имотно-правни работи се организира традиционално повеќе години наназад, целта на истата е во непосредна комуникација со граѓаните да ги слушнеме нивните проблеми, прашања кои се однесуваат на имотно-правни спорови, но и прашања поврзани со други институции, катастар на недвижности, локална самоуправа или правни прашања за судски постапки. Претставници од централата на Управата од Скопје им одговараат на прашањата и ги насочуваат граѓаните-изјави Крстаноски.
Крстаноски додаде дека со градоначалникот на општина Крива Паланка имаат одлична соработка на институционален план по однос на имплементација на проекти, но и решавање на спорови од имотно-правен карактер.
-До одделението на управата за имотно-правни работи во Крива Паланка доставени се 3000 барања кои се во постапка, а бидејќи одделението не е преоптоварено, тука беа префрлени 1500 барања за решавање од Штип – потенцира Крстаноски.
Градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, рече дека овие отворени денови се одличен начин на комуникација на власта со граѓаните.
– Ние како општина имаме голем број проблеми од имотно-правен карактер, особено при изградба на канализациони системи, водоводи и патни правци. Најголем проблем се јавува со немањето можност за приватизација на земјиштето каде е предвидено да биде трасата на железничката пруга- потенцира Алексовски.
Најавено беше отворен ден за граѓаните со Управата за имотно-правни работи да се организира еднаш неделно, отпочнувајќи од следната недела, терминот дополнително ќе биде утврден и сите кривопаланчани ќе бидат информирани за да може да постават прашања и на истите да им биде одговорено.