На 20-тата седница на Советот на општина Крива Паланка одржана на 27 февруари 2015 беше донесена одлука за санација на свлечиштата на територијата на општината. Станува збот за повеќе свлечишта настанати како последица на обилните јануарски дождови.
-Локалната самоуправа на општина Крива Паланка како дел од редовната годишна програма за одржување на локална инфраструктура ќе изврши санација на настанатите свлечишта од кои најголеми се оние на локалниот пат Крива Паланка – село Станци и свлечиштето на главната улица Свети Јоаким Осоговски, на потегот од Осички мост кон Мотел Македонија, спроти спортскиот комплекс- информира Никола Граматиков, раководител на Одделението за изградба и одржување на комунална инфраструктура при Општина Крива Паланака.
Граматиков нагласи дека свлечиштата се пријавени до Комисијата за проценка и утврдување на штетите од поплавите.
-Свлечиштата се последица на јануарското невреме, а се појавија неодамна. За истите поднесени се барања за утврдување на штетата и истите ќе бидат доставени до Министерството за финансии на Република Македонија, по што ќе бидат санирани-изјави Граматиков.