На 13 април, на вториот ден Велигден, во дворот на локалната установа „Градски музеј“ се одржа празничната манифестација „Велигденска традиција“.
– На Велигден се празнуваат животот и најрадосната вест за воскресението Христово. Нашата вера се темели на радоста која Исус ја донесе со светлината, а таа е наш патоказ низ животот. Затоа, не постои поубав повод на овие денови посветени на радоста, истата да ја прославуваме покрај во домовите и храмовите, и овде, заедно, со надеж дека традицијата на богоугодното прославување ќе се пренесе на идните генерации, рече на отворањето градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
[embpicasa id=”6137490733307397057″]
Директорот на ЛУ Градски музеј, Драган Величковски, истакна дека за Велигден нашиот народ спроведува низа обичаи кои секогаш се неодминлив дел од празнувањето на големиот христијански празник, а токму со оваа манифестација се прави симбиоза на генерациите и се негуваат велигденските обичаи и традиции.
Манифестацијата имаше и натпреварувачки дел каде се одбираше најубаво украсено велигденско јајце, најубава рачно изработена велигденска декорација, а се одржа и натпревар за најцврсто јајце. Најуспешните тројца во трите категории освоија парични награди.
Присутните кривопаланчани имаа можност да ги вкусат слатките и солени специјалитети од поставената традиционална велигденска трпеза, изработени од вештите раце на кривопаланечките домаќинки.
Претходно, како дел од манифестацијата „Велигденска традиција“ беше одржана и дводневна работилница, насловена како „Се запознаваме со обичаите за празникот Велигден“, на која учествуваа ученици од прво до петто одделение од основните училишта од Крива Паланка.