Заврши 25-та Меѓународна копаничарска колонија

Со изложба на резбарските дела изработени од страна на годинашните учесници, заврши 25-та Меѓународна копаничарска колонија. Во стариот конак на манастирот свети Јоаким Осоговски беа изложени дванаесет дела од шеснаесетте копаничари кои твореа на колонијата во прекрасниот амбиент на манaстирскиот комплекс Сарандопорски.

– Годинашната колонија помина во одлична работна атмосфера. Имавме по двајца учесници од Р. Србија и Р. Бугарија, а она што ја одбележа оваа колонија е учеството на младите, што е особено значајно за нас. Најмладиот учесник има само 13 години и одлично ги совладува копаничарските вештини-изјави Борис Попев, организатор на колонијата.

Попев упати апел до младите да бидат по ревносни во барањето нови знаења, а како што рече, особено ќе им биде драго доколку младите пројават поголем интерес за изучување на копаничарството.

– На секоја колонија доаѓаат по два-тројца искусни мајстори на копаничарството кои со особена посветеност ги пренесуваат своите знаења на помладите од нив учесници на колонијата, а овие млади деца кои беа тука со нас изминатата недела пројавија голем интерес за резбарењето, но и покажаа талент кој со упорност и многу работа може да се надградува-рече Попев.

Попев додаде дека веќе е закажана и следната изложба на која ќе бидат претставени делата од 25-та Меѓународна копаничарска колонија.

Делата со традиционална македонска резба работени на орев ќе бидат изложени во Домот на Армијата во Скопје на 20 септември.

Инаку Здружението на копаничари на Македонија годинава организира уште една колонија која ќе се одржи од 5 до 15 септември во комплексот „Етно-село“ и ќе биде сликарско-копаничарска колонија.

Големина на фонт
Контраст