Во Крива Паланка одбележана Зелената недела на ЕУ

Општина Крива Паланка-ЕУ инфо точката, во соработка со ЕУ инфо центарот при Делегацијата на ЕУ во РМ, ја одбележа Зелената недела ЕУ 2015 со пригодни настани, кои се одржаа на 25 и 26 јуни 2015 година.

[embpicasa id=”6164664649659980993″]

На 25 јуни, пред платото на Градскиот музеј во Крива Паланка се одржа модна ревија „Trash Fashion“ на која учествуваа ученици од СОУ„Ѓорче Петров“, со сопствени креации направени од редизајнирани отпадни материјали, под менторство на проф. Роберт Цветковски. Во рамките на оваа манифестација беше изведен и еколошкиот перформанс „Природата наше здравје, наше богатство“ од страна на учениците од ООУ„Илинден“ од Крива Паланка. Целта на настанот беше да се пренесе пораката за зачувување на еколошките вредности и перцепирањето на животната средина како начин на размислување и инспирација за создавање и делување.

На присутните им се обрати директорот на СОУ „Ѓорче Петров, Миле Милковски, кој истакна дека модната ревија „Trash Fashion“ веќе е своевиден бренд на гимназијата, каде доаѓа до израз креативноста и инспиративноста на младите за едукативно творење и создавање. Кривопаланечките гимназијалци, пак, петта година по ред учествуваат и на модното шоу „Trash Fashion Македонија“ на кое секогаш се меѓу најдобрите и наградени креации изработени од отпадни материјали.

Манифестацијата свечено ја отвори градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, кој напомена дека општината сериозно ги сфаќа еколошките проблеми и потребата од делување за заштита на животната средина како природно богатство и извор на живот на луѓето. Алексовски рече дека посветеноста на екологијата и европската политика за животна средина е обврска и задача на секој човек и на секоја општина, која задолжително треба да придонесе за подигањето на свеста кај луѓето.

На 26 јуни, во салата на Градскиот музеј, со почеток во 12 часот, се одржа трибина на тема „Животната средина и здравјето“. Настанот го отвори градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, кој истакна дека оваа општина е меѓу најчистите еколошките средини и дека тој епитет,  кој е благослов за ова порачје, треба да се негува и одржува.

На темата „Животната средина и здравјето“ говореше Соња Липиткова, државен секретар во Министерството за заштита на животната средина и урбанистичкото планирање. Липиткова се осврна на општата состојба со еколошките параметри во државата, а посебен акцент беше ставен на Североисточниот регион и на општина Крива Паланка. Државниот секретар укажа и на опасностите по здравјето на луѓето од загадувањето на почвата, воздухот и водата, како и при конзумирањето на прехранбени продукти со прекумерна употреба на хемиски средства. Истовремено, Липиткова зборуваше и за актуелните состојби од загадувањето при експлоатацијата на рудните богатства и потребата од преземање на еколошки мерки за заштита на животната средина.

По презентацијата на темата се разви дискусија меѓу присутните, што резултираше со интересни идеи за понатамошна контрола на еколошката средина и здравјето на луѓето.

Големина на фонт
Контраст